Линкови за пристапност

Бројот на жртви во Индонезија расте


По неделниот земјотрес и цунами што го погоди островот Сулавези се стравува дека бројот на жртви може да се искачи на илјадници

Претседателот на Индонезија Јокови Видодо го одобри прифаќањето на меѓународна помош по земјотресот и цунамито кои го погодија островот Сулавези.

Потврдена е смртта на 844 лица, додека најтешко погоден е градот Палу.

Се стравува дека бројот на жртви може да се искачи на илјадници кога спасувачите ќе стигнат до најоддалечените области.

Аеродромот одвај да функционира, повеќето електрични централи се исклучени, а патиштата оштетени.

Претседателот рече дека приоритет е да се донесе тешка механизација потребна за отстранување на урнатините.

На телевизиските снимки од Палу се гледаат истуркани згради, автомобили и дрвја. Една жена беше извлечена од урнат хотел. Спасувачите велат дека гласовите кои вчера молеа за помош од под урнатините сега се стивнати.

Официјалните претставници на обезбедувањето преземаат мерки за спречување на кражбите од разурнатите трговски центри.

Земјотресот со магнитуда од 7.5 степени предизвика цунами со бранови од шест метри, кои ги поплавија градовите Палу и Донгала.

Стотици луѓе загинале додека биле на фестивал на плажа во Палу.

Франс Падак Демон, првиот директор на Гласот на Америка за Џакарта бил во Сулавези за време на земјотресот. ,,Беше многу силен. Движењето не беше само хоризонтално, туку и вертикално. Зидовите на куќите и зградите покрај станицата паѓаа.”

Индонезија работеше со Американската национална научна фондација на прототип на систем за рано предупредување од цунами. Но, проектот беше стопиран минатата седмица, делумно поради неодамнешната девалвација на индонезиската валута што ја загрижи Индонезија како ќе го плати својот дел од проектот.

Професорот Луис Комфорт од Универзитетот во Питсбург, водечки американски научник на проектот, вели дека вознемирува фактот што со само 50.000 дополнителни долари прототипот ќе продолжеше да функционира, со што стотици и можеби илјадници животи ќе биле спасени.

,,Длабоко сум разочаран”, вели тој за Гласот на Америка.

Индонезија со своите 18.000 острови често е на удар на земјотреси, вулкани и цунами.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG