Повикот на возачите за електрични рикши на три тркала до патниците додека слегуваа од метро – станиците стана познат звук за индиската престолнина и околните градови.
„Тоа е многу подобро возило отколку тоа на гориво. Поевтино е да се купи и не загадува. По полнењето на батеријата, таа трае од 80 до 120 километри“, вели Абдул Алам сопственик на електрична рикша.
„Не морам да полнам гориво. Месечно за полнење на батеријата трошам 25 долари. Добивам добар приход“, додава Адир Бхија, исто така сопственик на електрична рикша.
Заедничките возења чинат дури осум центи и тоа овие возила ги прави популарни.
„Пазарот го овозможува тоа – грижа за мобилноста на последната милја. Тоа се овие мали патувања како од метро до дома или пазар, од автобуска станица до канцеларија“, објаснува Мушуми Моханти од Центарот за наука и екологија.
Возилата со три или две тркала ја водат транзицијата на електричната мобилност во Индија – тоа се 90% од електричните возила во државата. Субвенциите на владата, во комбинација со високите трошоци за гориво, ја поттикнуваат продажбата.
Електричните возила на три тркала играат клучна улога – пазарот има потреба од патувања. Овој старт-ап користи електрични возила за дневно да испорача околу 20 000 пратки во и околу Њу Делхи.
„Одржливоста е нешто што ни е близу до срцето. Сите ние сме луѓе од новата генерација, ние сме многу нова, млада и агресивна екипа, мислиме дека на некој начин придонесуваме за екосистемот. Значи, ги усвоивме електричните возила како основна технологија“, вели Пратик Рао од стартапот „Zyngo EV Mobility“.
Префрлувањето на електрични возила е важно за градот бидејќи милиони возила го загадуваат воздухот.
„Тоа многу ќе помогне... Погледнете го бројот на возилата што се обидуваме да ги замениме... Ако 10%, 20% или да речеме 30% од овие возила ги замениме со електрични. Тоа значи дека би имало јаз – и од таму има нулта емисии“, додава Моханти.
Но, предизвиците остануваат.
„Инфраструктурата за полнење моментално е болна тема. Ако сакаме побрзо прилагодување на електрични возила во Индија, тогаш треба да работиме на ова“, укажува Рао.
Поголем предизвик во држава каде јагленот е главен за производство на струја ќе биде да се добие чиста енергија која ги полни овие возила додека тие се во сè поголем број.