Бројот на жртвите од железничката несреќа во Индија се зголеми на 142, откако спасувачките екипи завршија со пребарувањето, но предупредија дека бројот на загинатите можно е дополнително да расте.
Патничкиот воз сообраќал на релација Индора – Патна во руралната област на северната држава Утар Прадеш, кога излетал од шините. Надлежните органи и волонтерите соопштија дека од местото на настанот биле извлечени преку 220 повредени, а преку 75 се во сериозна здравствена состојба.
Истрагата за инцидентот е во тек, а се верува дека возот превезувал преку 2.000 лица, иако повеќето од нив немале резервирани седишта или билети, што дополнително ја отежнува проценката.
Најновата несреќа, една од најсмртоносните на оваа земја, доаѓа во време кога владата потпишала бројни договори со приватни компании за усовршување на застарената индиска железничка мрежа.
Во владин извештај од 2012-та година, се вели дека годишно во железнички несреќи гинеле речиси 15.000 лица, опишувајќи ја загубата на животите како „масакр“.