Линкови за пристапност

Македонија – економски умерено слободна држава


Фондацијата Херитиџ и Вол Стрит Џурнал го објавија Индексот на економска слобода за 2015-та

Македонија е 53-та од 178 рангирани држави во денеска објавениот извештај за индексот на економска слобода за 2015-та, изработен од Фондацијата Херитиџ и Вол Стрит Џурнал. Просечната оценка на светската економија е „умерено слободна“ со 60,4, додека Македонија има 67,1 поени. Ова, сепак, е мало опаѓање во однос на лани , со подобрување во делот за слобода од корупцијата и трговската слобода, но опаѓање во трудовата слобода, бизнис слободата, менаџирањето на владините трошоци и монетарната слобода.

За последниве пет години, економската слобода на Македонија напреднала за 1,1 поен, и покажала забележливо подобрување во половина од 10-те економски слободи.

Во однос на 43-те држави од регионот на Европа, Македонија е 24-та. Меѓу балканските држави Македонија има најдобар индекс.

Бугарија е најблиска, на 55-то место, а потоа следат Албанија на 63-то, Црна Гора на 66-то, Хрватска на 81-во, Словенија на 88-мо, Србија на 90-то, Босна на 97-мо и Грција на 130-то место.

Извештајот заклучува дека Македонија направила значаен напредок во зголемувањето на примањата и целокупното намалување на сиромаштијата. Имплементацијата на подлабоки институционални реформи ќе биде критично за обезбедување на подинамичен долгорочен развој, се вели во извештајот во делот за Македонија.

Единствената северноамериканска економија што покажала напредок во Индексот 2015 се САД, но тие остануваат на 12-то место во глобална рамка, зад Канада, која повторно е 6-та и покрај опаѓањето за 1,1поен.

Хонг Конг и Сингапур се прва и втора држава на листата веќе 21 последователна година, а последна е Северна Кореја, едно место зад Куба, и две зад Венецуела.

Фондацијата Херитиџ е истражувачки институт за јавна политика, а Вол Стрит Џурнал е глобална новинска организација. Индексот започна да се објавува во 1995-та и ги оценува државите во четири широки области на политиката што влијаат на економските слободи, како владеење на правото, ограничена влада, ефикасност на регулативата и слобода на пазарот. Оттука се изведени 10-те специфични категории: имотни права, ослободеност на корупција, фискална слобода, владини трошоци, бизнис слобода, трудова слобода, монетарна слобода, трговска слобода, инвестициона слобода и финансиска слобода.

XS
SM
MD
LG