Линкови за пристапност

Започнаа настаните за инаугурацијата на Трамп


Давањето на заклетвата ќе биде утре

Настаните поврзани со инаугурацијата на Доналд Трамп како претседател на САД ќе траат три дена, започнувајќи денес напладне.

Трамп и новоизбраниот потпретседател Мајк Пенс најпрво ќе присуствуваат на церемонија на положување венец на националните гробишта во Арлингтон, каде се погребани повеќе од 400.000 воени ветерани и членови на нивните семејства.

Потоа Трамп ќе зборува на настан кај споменикот Линколн, каде настап ќе имаат кантри музичарите Тоби Кејт и Ли Гринвуд, рок групата „3 Doors Down“ и други.

Попладне се очекува Трамп, Пенс и други официјални претставници да имаат вечера со донаторите на кампањата.

Во петок ќе биде транзицијата на Белата куќа од претседателот Барак Обама до Доналд Трамп.

Трамп и неговото семејство утрото ќе учествуваат на религиозна служба, потоа со сопруга Меланија ќе заминат на заедничко кафе со претседателот Барак Обама и неговата сопруга Мишел во Белата куќа. Традиционално, претседателот на заминување и новиот претседател заеднички одат од Белата куќа до Капитол хил за церемонијата на инаугурацијата.

На Капитол хил, Трамп и Пенс ќе дадат заклетва, опкружени со американци претставници, поранешни лидери, и стотици граѓани собрани на Националното шеталиште.

Со чинот на давањето заклетва на Трамп ќе раководи судијата во Врховниот суд, Џон Робертс, користејќи ја семејната Библија на Трамп и друга Библија, позната како Библија на Линколн која Обама ја користеше во двете церемонии. Пенс ќе даде заклетва пред судијата на Врховниот суд, Кларенс Томас.

Како и секој претседател Трамп ќе има свое инаугуративно обраќање. Некои од обраќањата на поранешните претседатели биле кратки, само неколку стотини зборови, додека најдолгиот говор бил повеќе од 8.400 зборови. Обраќањата на Обама беа долги 2.100 и 2.400 зборови.

На крајот на церемонијата, семејството Обама ќе го напушти Капитол хил и ќе се врати на граѓанскиот живот.

На Капитол хил ќе биде организиран ручек во чест на новата администрација.

Трамп и Пенс потоа преку авенијата Пенсилванија ќе се вратат во Белата куќа. Во исто време ќе се одржи голема парада.

Во петок навечер, Трамп ќе учествува на три инаугуративни балови, традиција која започна во 1809 година. Многу други неофицијални балови ќе се одржат во Вашингтон.

Во сабота наутро е последниот официјален настан, Националниот молитвен појадок во Вашингтонската национална катедрала.

XS
SM
MD
LG