Линкови за пристапност

Американските фирми ќе почнат да се селат во странство, ако нема визи за привремени работници, предупредуваат економистите


Одделот за труд воведе обврска за американските работодавци да мора да им плаќаат на странските работници повисоки плати за 30 проценти

Потегот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги лимитира странските привремени работници во САД на само недели пред изборите, го поттикна прашањето за вработување на странски државјани, за кое некои законодавци расправаат повеќе од една деценија.

Ограничувањата се однесуваат на H-1B визите, кои овозможуваат привремено вработување на странски работници во одредени сектори.

Согласно правилата на Одделот за домашна безбедност, кој тој ги воведе на почетокот на овој месец, се стеснува значењето на терминот „специјализирана професија“, која му овозможуваше на странскиот работник да биде вработен во САД.

Во меѓувреме, согласно правилата кои ги воведе Одделот за труд, се зголемуваат минималните плати за 30 проценти што американските работодавци мора да им ги платат на странските работници.

„Генерално, правилата се направени да им отежнат на странските работници да бараат виза и работни дозволи, преку влијание врз компаниите кои ги спонзорираат“, вели за Гласот на Америка адвокатата Росана Берарди.

Економиситите, пак, сметаат дека новите мерки ќе ги принудат американските фирми да ја преселат работата во странство, наместо да им плаќаат повисоки плати на странските рабтници во Америка.

Стапката на невработеност во САД во септември изнесуваше 7,9 проценти, пониска во споредба со април, кога изнесуваше 15 отсто, но, повисока од 3,5 проценти колку што беше пред пандемијата на ковид-19.

Заштита на работни места

Администрацијата на Трамп вели дека целта е да зголемат и заштитат работните места.

Според Одделот за домашна безбедност, американските работници биле заменети со повеќе од половина милион корисници на H-1B визите. Оттаму не одговорија на прашањето на Гласот на Америка да обезбедат повеќе детали околу податоците на кои се повикуваат.

Економистите велат дека на САД им недостигаат специјализирани работници во неколку клучни полиња.

Тие нагласуваат дека речиси половина од висококвалификуваните имигранти кои доаѓаат во САД работат во областите на наука, технологија, инженерство и математика, додека САД произведуваат само една четвртина од ваквите вештини.

Конгресот со двопарстка легислатива за H-1B визите​

Републиканскиот сенатор Чак Грасли и демократскиот сенатор Дик Дурбин, предложија двопартиска легислатива за H-1B визите уште во 2007 година. Во мај, тие повторно предложија легислатива за привремените работни визи, како и за L1, со која им се дозволува на странските компании да префрлат работници во САД.

„Конгресот ги воведе овие програми со цел да ѝ помогнат на вискоквалификуваната работна сила во САД, а не да ја заменат. За жал, некои компании се обидуваат да ги злоупотребат програмите, потиснувајќи ги американските работници поради евтината работна сила од странство“, рече Грасли.

Дурбин додаде дека реформирање на програмите за H-1B и L1 визите, се клучни за обнова на имиграциониот систем.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG