Линкови за пристапност

Имигрантите ја прифаќаат американската традиција


На четири тркала низ знаменитостите на САД

Виетнамско семејство со 12 членови, од Пенсилванија брза да стаса на паркингот во Нијагарините водопади, пред да се стемни.

Таткото, Дипендра Чхантјал, кој е задолжен за семејните операции, нетрпеливо прашува: „Кој пат води до водопадите?“

„Еден-два-три-четири ...“ тој ги пребројува членовите на семејството; меѓу нив две момчиња во исти маици, три бебиња во колички. Се обидува да ги собере сите, за да направи семејна фотографија.

Тие потоа продолжуваат да возат кон најстариот државен парк во САД.

„Беше долго возење“, вели налутено. „Постарите само што дојдоа, и јас се обидувам да им овозможам квалитетно време“.

Нијагарините водопади, кои се наоѓаат во западниот дел на сојузната држава Њујорк, годишно ги посетуваат 8 милиони лица.

Паркот е на помалку од еден ден возење до американско-канадската граница, со целосно бесплатен приказ на осветлените водопади, огномети, како и авантуристичко возење со брод.

Како и 79 отсто од американските одмори, ова семејство вози на отворен пат за да стигне до дестинацијата – по двонасочниот пат, слушајќи ги хитовите на Кејти Пери и Бруно Марс.

Но, како и истражувачите што дошле векови пред нив, приказната за тоа како тие стасале до крајната цел, ќе биде составен дел од авантурата и трајно сеќавање.

Американска традиција

„Патувањето на четири тркала е значен дел од американскиот начин на кој се замислуваме себеси“, објаснува Самип Малик, извршен директор на Јужно азиско-американската дигитална архива (СААДА) – „да се најдете на пат и да возите часови и часови низ целата држава“.

Малик, чии родители во САД се доселиле од Индија кон крајот на 1960-те години, за Гласот на Америка вели дека „ксенофобичната реторика и случувањата во државата“, во комбинација со недостатокот на приказни од Јужна Азија во книгите и популарни медиуми, резултирале со погрешна претстава за оваа заедница.

Како одговор на тоа, СААДА започнала со сопствен проект, „Проект за патување: Предосмислување на американска традиција“ - колекција приказни и фотографии направени од луѓе со потекло од Јужна Азија, од сите 50 американски сојузни држави.

Настрана од културниот „вкус“ на приказните на учесниците, од Нијагарините водопади до Големиот кањон, она што го прави проектот „извонреден“, според Малик е колку нешта во нив се заеднички.

Синџир ресторани

До Нијагара во Њујорк посетителите возат дури од оддалеченост од 800 километри, вели Ангела Берти, директорка за односи со јавноста од овој парк.

Многумина пристигнуваат во автобуси, вклучувајќи и големи групи на Американци со кинеско и индиско потекло, понекогаш само за една ноќ.

„Имигрантите ги носат членовите на поширокото семејството“, вели Берти. „Има денови кога ќе излезам во паркот, и нема да слушам англиски јазик, и тоа е прекрасно“.

Покрај паркот се намножија ресторани во сопственост на Индијци, за да се задоволат барањата на семејствата од дијаспората од Јужна Азија и меѓународните туристи. Но, по руралните патишта, недостигот од нив се покажа како предизвик за некои.

Мадхави Виџај, која доаѓа од Охајо со сопругот, синот и нејзините родители од Индија, вели дека по патот било тешко да најде соодветна храна.

Но други како Авинаш Тилочани велат дека пилешкото, хамбургерите, пицата се она кое го прави патувањето забавно.

За компјутерскиот програмер Тилочани и за неговото 4-члено семејство, одлуката да возат од Северна Каролина до Нијагара, наместо да земат авионски превоз, била логична, возењето е поевтино.

Но, како поранешен жител на Калифорнија и страстен патник, тој ужива во возење низ рурална Америка.

„Дојдовме до мал град, застанавме да ставиме бензин, и можевме да го видиме стариот град“, се присетува тој.

„Гледате фарми, силоси наоколу, животни...“

Во нивниот автомобил е седумгодишната ќерка на Тилочани, Ниа - задолжена за музиката – таа пушта и пее холивудски песни, но и некои боливудски хитови.

За да биде поинтересно, тие играат и монопол на задното седиште.

Гледајќи мали села за прв пат - може да се види „низ што поминуваат луѓето и колку се поврзани“ - и тоа е она што според Тилочани ја дефинира Америка, и тоа го потсетува на неговиот роден град.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG