Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека ескалацијата на трговските конфликти може да го забави глобалното економско опоравување и дека американскиот извоз е посебно изложен на ризик, откако државите воведоа контра мерки по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп за поголеми царини на увозот во САД.
Организацијата со седиште во Вашингтон предвидува дека глобалниот економски раст во 2019-та ќе остане на претходната прогноза од 3.9 проценти, но дека „ризикот од полош исход се зголемил, дури и на краток временски период.“
Вишиот економист на ММФ, Маурис Обстфелд вели дека „Нашиот модел сугерира дека ако моменталните трговски закани постанат реалност, довербата кај бизнисите ќе опадне. Економскиот раст може да падне за околу 0.5 проценти во 2020-та година во споредба со сегашните прогнози“ додавајќи дека САД се „посебно ранливи“ заради тоа што голем дел од извозот може да се најде на удар на царините кои ги воведуваат останатите држави.
Освен трговските конфликти, од ММФ велат дека по последната проценка која беше објавена во април други ризици „постанеле се` попроминентни“.
„Политичката неизвесност во Европа се зголеми. Европската унија се соочува со фундаментални политички предизвици во врска со мигрантската и финансиската политика, нормите во врска со владеењето на правото и институционалната архитектура во евро-зоната“ велат од ММФ.
И покрај царините кои си ги воведоа, предвидувањето на ММФ за растот на економиите на САД и Кина останува непроменето. Прогнозите се дека во 2019-та година економијата на САД ќе расте со 2,9 проценти на годишно ниво, додека кинеската економија се очекува годинава да расте со 6.6 проценти, и 6,4 проценти следната година.
Но, ММФ го намали предупредувањето за 19 држави од евро-зоната, Јапонија и Велика Британија. Прогнозите беа дека економијата во евро-зоната ќе расте со 2.2 проценти, Велика Британија со 1,4 проценти и Јапонија со еден процент. Новата прогноза за овие економии предвидува намален раст од две десеттини од процентот.
ММФ исто така ја намали прогнозата од половина процент за Бразил, на 1.8 проценти на годишно ниво и за десетина процент на Индија, на 7.5 проценти.
Facebook Forum