Линкови за пристапност

ММФ: Светската економија оваа година ќе порасне 4,8 проценти


ММФ: Светската економија оваа година ќе порасне 4,8 проценти
ММФ: Светската економија оваа година ќе порасне 4,8 проценти

Меѓународниот монетарен фонд вели дека економиите во подем го предводат опоравувањето од глобалната финансиска криза, додека богатите нации заостануваат.

Претставници на Меѓународниот монетарен фонд велат дека светската економија ќе се прошири за 4,8 проценти годинава и дека ќе забави следната година. Економиите на нациите во подем ќе се прошират за нешто повеќе од седум проценти годинава, додека развиените нации можат да очекуваат растеж од само 2,7 проценти.

Иако глобалното опоравување е нерамномерно и кревко, главниот економист на ММФ Оливиер Бланчард вели дека нема многу изгледи светот повторно да западне во рецесија. Но тој ги поттикна креирачите на политиката во напредни и земји во развој да преземат силни акции.

Бланчард на нациите во подем со голем трговски вишок им кажа дека тоа ќе помогне на нивните економии да ја променат политиката што силно се потпира на извоз во поголемо поттикнување на домашната побарувачка.

Кина е една од тие нации и со дозволување на повеќе пазарно-ориентирана размена за кинеската валута може да се поттикне домашната побарувачка со тоа што увезените добра ќе бидат попристапни за кинеските консументи.

Бланчард кажа дека сегашната политика ги изобличува економските сили и штети на животот во државата.

Бланчард исто така имаше остра порака за богатите нации, велејќи дека тие мора да сторат повеќе за намалување на буџетскиот дефицит. Загриженоста дали владите во Грција и други европски нации ќе можат да го отплатат својот долг е голема кај заемодавачите и инвеститорите.

Тие буџетски дефицити делумно произлегуваат и од напорите за стимулирање на економијата и опоравување од длабоката рецесија. Бланчард кажа дека се` уште не е време да се престане со поддршка на економијата, но дека е неопходно владите да покажат дека имаат јасен пат за излез од долгот.

XS
SM
MD
LG