Линкови за пристапност

Имаш ти, немам јас: Македонските работници побараа повисоки плати и права


Синдикалците побараа сите барања да се исполнат во првите сто дена од новата влада, што треба да се формира после изборите/Скопје, 1ви мај, 2024
Синдикалците побараа сите барања да се исполнат во првите сто дена од новата влада, што треба да се формира после изборите/Скопје, 1ви мај, 2024

Протестот се одржа под мотото „Ние работниците“, при што еден од главните рефрени што можеа да се чујат во текот на маршот беа стиховите „Имаш ти, немам јас“ од песната „Неправда“. Минимална плата од 450 евра беше едно од барањата на протестот што се одржа по повод 1ви Мај

Минимална плата од 450 евра, исплата на трошоци за храна и превоз, да не се заобиколуваат колективните договори во јавниот и во приватниот сектор, беа дел од барањата што повеќе илјади работници и обединети синдикални организации ги упатија од денешниот протестен марш низ Скопје, а кој се одржа по повод 1ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.

Протестот се одржа под мотото „Ние работниците“, при што еден од главните рефрени што можеа да се чујат во текот на маршот беа стиховите „Имаш ти, немам јас“ од песната „Неправда“.

Синдикалците побараа сите барања да се исполнат во првите сто дена од новата влада, што треба да се формира после изборите.

Минималната плата да се зголеми веднаш на најмалку 450 евра
Слободан Трендафилов, ССМ

„Ние повеќе немаме време за чекање, се повеќе наши колешки и колеги заминуваат од државата. Минималната плата да се зголеми веднаш на најмалку 450 евра, како и во регионот. Правото на храна и превоз треба да биде подеднакво важно за работниците во Македонија, како што е важно за функционерите“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

На протестот се обединија повеќе синдикати
На протестот се обединија повеќе синдикати

На протестот учествуваше и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија.

„Би пратил апел до новата влада. Да не ја прави истата грешка, што ја правеа сите претходни влади, да фаворизираат одредени синдикати. На тој начин им прават лоша услуга на тој синдикати и дупло поголема штета на самата себе“, рече Марјан Ристески, претседателот на КСОМ.

Новата влада да не фаворизира одредени синдикати
Марјан Ристески, КСОМ

Синдикалците застанаа и пред Стопанската комора на Северна Македонија, од каде упатија порака и до приватниот сектор.

„Да знаат дека поради нив, секој час ни гине некој на работното место. Да знаат дека младите не можат да се одлучат на семејство со тие договори на определено време и договори на дело. Да знаат дека ни го украдоа правото на пауза, на неделен и месечен одмор“, рече Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.

Беа упатени остри предупредувања до новиот владин состав за почитување на колективните договори во јавниот и во приватниот сектор.

Да не им текне да го пипнат општиот колективен договор за вработените
Трпе Деаноски, УПОЗ

„Да не им текне да го пипнат општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор. Таму пишува дека сите ќе добиеме просечна плата, а не минимална плата како сега, со што нè доведоа на просјачки стап. Да не им текне да ги дираат правата на работници, без оглед дали е во јавен или во приватен сектор“, рече Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

Слични барања упатија и од синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва.

„После осми мај, кој и да дојде во оваа зграда позади нас (Владата, н.з.), треба сите овие барања што ние ги имаме како синдикат, да ги оствари во првите сто дена“, рече Стојанче Кашикоски, претседател на синдикатот на СУКТОЗ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG