Линкови за пристапност

Иловица: Победа на граѓаните!


Активистите за заштита на животната средина кои со години се спротивставуваат на изградбата на рудници ја поздравија одлуката на Владата да го одбие барањето на странскиот инвеститор „Еуромакс ресорсис“ за добивање дозвола за експлоатација на бакар и злато во рудникот Иловица – Штука

„Денес, Давид го победи Голијат, денес граѓаните извојуваа огромна победа против ‘Еуромакс’!“, се вели во објавата на граѓанското еко-здружение „Здрава котлина“, по одлуката на 142-та седница на Владата, дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово на инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“

Откако на претходната седница, Владата го задолжи Министерството за економија во рок од седум дена да се изјасни дали се исполнети условите за раскинување на договорот со Еуромакс за рудникот Иловица, Министерството испрати соопштение во кое се потенцира дека е утврдено оти компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација и дека по истекот на законскиот рок за жалба од 15 денови, Владата ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на договорот за концесија.

Компанијата – концесионер на рудникот за бакар Иловица, веднаш испрати одговор до јавноста во кој се вели дека откако и официјално ќе ја добијат одлуката на Владата, „ќе ги искористиме сите правни можности кои се на располагање, согласно законски утврдените рокови, односно ќе поднесеме жалба во законскиот рок од 15 дена“.

„Здрава котлина“ пак, соопшти дека Владата и премиерот Зоран Заев решиле да стават крај на толерирањето на концесионерот „Еуромакс“, кој според активистите, веќе три години ги крши законите“, Според активистите, се работи за „огромна победа на граѓаните, локалните жители, активистите и претставува светол пример каде граѓаните во нерамноправна битка се избориле за своите права, наспроти големи корпоративни интереси со огромни ресурси и логистика“.

Претходно, активистите беа потенцирано скептични. Ѓорги Танушев од „Здрава котлина“, ја потсети јавноста дека Владата и на својата 63. Седница, уште пред една година, со сличен заклучок, на Министерство за економија мудаде рок од 7 дена „да изготви информација за исполнетост на услови за раскинување на концесија за експлоатација“, но и дека ништо не се случи. „Нема да дозволиме на мала врата да се протнат рудници и брани, во носење на урбанистички планови од посебно значење за државата, без јавна расправа, како што е предвидено во Предлог измените на законот за урбанистичко планирање“, беше дециден Танушев во изјавата за медиумите.

Откако дел од жителите на селата Штука и Иловица - две ипол седмици, секој ден уште од пет часот наутро, го блокираа приодот кон рудникот, со блокади за работниците на „Еуромакс“ и за археолозите од струмичкиот Археолошки музеј кои почнаа ископувања - финансирани од концесионерот, тие, по одлуката на Владата, најавија и крај на блокадата „поради исполнување на целта“, но предупредија и дека на терен ќе циркулираат граѓански патроли, кои ќе реагираат ако се појават работниците на „Еуромакс“.

„Им препорачуваме да ја избегнуваат планината и непотребни провокации, реалноста е дека рудник нема да има! Ја поздравуваме одлуката на Владата како согласна со законите на државата, но, сепак, ќе почекаме 15 дена, за конечно да се одземе првата концесија за рудникот Иловица-Штука“, порачаа од здружението „Здрава котлина“. Според заштитниците на животната средина, постои и втора концесија, која истекува во јануари, и тие ја повикаа Владата да реагираа на истиот начин со што би докажала „дека институциите функционираат во полза на граѓаните“.

„Иако не можеме да кажеме ‘конечно, дојде крајот’, заради сè уште живата втора концесија (наводно, до 2020), оваа е иницијација на една огромна лавина која ќе ги избрише сите концесии и конечно, налудничавата идеја за развој, а всушност, проект за истребување на Македонците во Источна и Југоисточна Македонија, не ќе може да се реализира“, порача еден од активистите.

Ваквата првична воздржана реакција беше и поради одолговлекувањето на Владата на Заев, иако стопирањето на работата на рудниците, по масовното делење на концесиите во време додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, беше и еден од предизборните адути на СДСМ, а и поради проѕирните обиди за политизација на случајот, со „мотивирање“ на помал дел од жителите, кои организираа контра-протести со порака: „Сакаме работа – сакаме рудник”, а кои не беа прифатени од населението, па дури ни од медиумите, иако контра-демонстрантите ги истакнуваа аргументите на инвеститорот дека во крајот ќе се слее инвестиција од 300 милиони евра, и ќе бидат обезбедени стотици директни и индиректни вработувања.

Пред неколкумесеци, користејќи ја нерешителноста на Владата за исполнување на предизборното ветување, „Еуромакс Рисорсис“ ги обвинуваше еколозите и граѓанските активисти дека шират дезинформации на социјалните мрежи, за уривање на „угледот на компанијата која котира на светски берзи“ и бараше извинување за нерагументираните обвинувања, а дел од активистите добија барања за извинување со опомени пред тужба. Тоа предизвика заедничка „здружена реакција“ на триесеттина невладини организации против „заплашувањето и нападот врз еколошките активисти во земјата“

Сепак, деновиве, друг експониран активист за заштита на животната средина, порача на Фејсбук дека „ова (одлуката на Владата – н.з.) е потег кој што ја чекавме речиси три години. Се случи. Нека ни е со среќа. Ова е охрабрување и зајакнување на борбата за здрава животна средина, а особено против тешки загадувачи! Првата значајна битка во врска со овој случај е добиена! А тоа иницира голема радост! Сега останува да се одземе и втората концесија, за да и’ се отсече и другата глава на ламјата. А попатно, да престанат и сите други работи поврзани со било каква активност која оди чекор понатаму во полза на тие што сакаат да ни ја уништат природата. Но, сега, време е за радост и ослободување“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG