Линкови за пристапност

Иловица: Владата најавува аргументи за тужбата на „Еуромакс“


Предлог-одлуката за едностран раскин на договорот со инвеститорот „Еуромакс рисорсис“ за рудникот „Иловица“ е веќе потпишана и ќе биде доставена до Владата, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши

Второстепената комисија го одби барањето на „Еуромакс рисорсис“ за издавање дозвола за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица-Штука. Според министерот, таа одлука е конечна, ресорното Министерство веќе постапило по неа, а процедурата ќе продолжи - до одлуката која Владата ќе ја донесе на своја седница. Бектеши најави и дека државата има свои противаргументи, според Законот за минерални суровини

„Ако мислат дека би требало да одиме на некаков меѓународен суд, ние сме подготвени како држава и како Влада, да ги браниме нашите ставови“, изјавил министерот Бектеши.

Во јули, окако Министерството за економија, констатирало дека барањето на концесионерот не е во согласност со законот, донесе Решение за одбивање на барањето за издавање дозвола за експлоатација. Потоа, „Еуромакс рисорсис“ поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која е одбиена како неоснована. Вчера, „Еуромакс рисорсис“ кој најавуваше инвестиции од 340 милиони евра и отворање на околу 500 работни места, соопшти дека ќе поднесе и нова жалба до Управниот суд, а доколку и таа жалба биде одбиена, од концесионерот најавија дека постои можност и за меѓународна арбитража, за што биле известени и акционерите.

Во последниот период, концесионерите во бројните соопштенија тврдеа дека се посветени на унапредување на животната средина преку „развој на модерен рудник на можности“, односно, „рудник кој ќе го унапреди животниот стандард, како на локалното население, така и на државата“, како и дека „како македонска компанија, поддржана од меѓународни акционери, ја почитува секоја домашна иницијатива и активност, која без манипулација и извртување на фактите, е во функција на заштитата и унапредувањето на човековата средина и здравје“.

Но, жителите од Ново Село и Босилово, предводени од активистите од невладините организации за заштита на животната средина, кои со години наназад се бореа против отворањето на рудникот што го вбројуваа во „рудниците на смртта“ чие функционирање би ги загадило почвата и водата во плодниот земјоделски регион, исполнувањето на ветувањето на актуелната власт, го прославуваат и како своја голема победа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG