Линкови за пристапност

„Иловица“: Владата нерешителна, инвеститорите и еколозите во клинч


Иловица
Иловица

Над 30 граѓански организации на заштита на животната средина деновиве реагираат, застанувајќи зад активистите од Струмица кои добија барање за извинување со опомена пред тужба

„Еуромакс Рисорсис ја известува јавноста дека согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побара од одредени поединци да се извинат за паушалните и манипулативни изјави кои ниту се поткрепени со факти, ниту со експертско мислење. Истите беа објавени на социјалните медиуми со цел да наштетат на реномето на ‘Еуромакс’, како и на проектот ‘Иловица–Штука’, а со тоа и врз вредноста на акциите на компанијата, која котира на берзата во Торонто”, се вели во соопштението на компанијата.

Објаснувањето на инвеститорот е по повод опомените пред тужба, што за искажан став ги добија дел од еколозите кои со месеци протестираат и бараат да не се дозволи работата на рудникот „Иловица-Штука“ и по повод реакциите во македонската јавност на ваквите опомени, најчесто сфатени како заплашување и вознемирување на противниците на проектот.

Македонската Влада не излезе со дециден став, и ни по средбата на премиерот Зоран Заев со градоначалниците и жителите на најзасегнатите општини Босилово и Ново Село, нема дефинитивен одговор дали концесионерот „Еуромакс Рисорсис – Македонија“ која ветува инвестиција од 350 милони евра во рудник во кој загадувањето на животната средина ќе биде сведено на минум, навистина ќе ја добие дозволата за работа, туку сè останува ставот на премиерот дека до решение ќе се дојде во период од 6 до 12 месеци.

Имаше најава дека на средбата во саботата на 16 февруари, на министерот на земјоделие Љупчо Николовски со жителите, пред се, земјоделците од струмичкиот регион, можеби повторно ќе присуствува и премиерот Заев, кој живее во Струмица, но таа не се оствари. Борците за животна средина, сепак размениле ставови со министерот, на средба, на која според дел од присутните активисти, имало и жолчни тонови. Особено околу барањата за високото обештетување на сопствениците и корисниците на шумското и земјоделско земјиште, кое треба да биде жртвувано за работата на рудниците, што досега не беше земено предвид, иако ќе доведе до иселување на дел од населението зашто, според активистите, отворањето на Иловица, но и на другите предвидени „рудници на смртта“, како што тие ги нарекуваат, ќе значи и смрт за земјоделието во тој дел од Македонија.

Но, во меѓувреме, „Еуромакс Рисорсис – Македонија“ излезе со став дека еколозите и граѓанските активисти шират дезинформации на социјалните мрежи, со кои го уриваат „угледот на компанијата која котира на светски берзи“ и затоа бараат извинување за нерагументираните обвинувања. Откако на еколозите им стигнаа барања за извинување со опомени пред тужба, дојде до жестоки реакции на еколозите, но и на „обичните“ граѓани од регионот.

Во заедничката „здружена реакција“ на Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје, Еко Гаиа – Битола, Милиеуконтакт – Скопје, Еко Герила, Еко Правда – Валандово, ЦНВП, О2 Иницијатива – Скопје, Македонски зелен центар – Скопје, Целор – Радовиш, ЕД Роса, Еко-живот – Кавадарци, ЕД Еко-Рурал Пелистер - с. Дихово Битола, Импакт нет, ПОЛИМАТ 13 – Богданци, Young Friends of the Earth Macedonia, Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, ФРОНТ 21/42, Слоу Фуд Македонија, Новинари за човекови права, Eko Логик, Балкан вош нетворк, Здрава котлина, Еко Долина, Спас за нас, Go Green, Центар за климатски промени, Движењето за околината „Молика“, се вели дека: „Ова не е првпат да се врши заплашување и напад врз еколошки активисти во земјава“

Еколозите бараат властите да преземат мерки за да ги заштитат своите граѓани и тврдат дека ваквиот третман на претставниците на еколошкото граѓанско општество е спротивен на одредбите на еколошката демократија и на Архуската конвенција.

„Сметаме дека изградба на рудник или било каков индустриски објект во срцето на најплодната првокласна почва во Македонија, во време кога цел свет се соочува со екстремни временски услови и недостаток на храна, едноставно е непромислено и не смее да се дозволи! Сите рудници со сигурност имаат влијание врз животната средина и луѓето кои таму живеат, меѓутоа големината на најавените проекти подразбира и огромно и трајно влијание и загадување на почвите, водите и воздухот на локацијата каде ќе се гради...“, се вели во заедничката реакција.

„Бараме од нашите власти да ги запрат постапките за издавање одобренија за отпочнување со експлоатација и изградба на инфраструктура на локациите каде е издадена концесија за експлорација и експлоатација и да се направи кумулативна оценка за влијанието врз животната средина на сите издадени концесии за рудници со цел да добиеме реална слика за влијанието кое овие рудници ќе го имаат врз нашата земја“, се вели во соопштението на 30-тината организации.

„Сметаме дека во време кога земјата допрва треба да го отвара Поглавјето 27 за животна средина и клима ќе биде погубно во преговорите за влез во ЕУ, доколку стигнат лавина реакции за загадување на животната средина со отварање на рудници. Дополнително погубно е земјата да дозволува заплашување на своите граѓани кога најголемите забелешки на ЕУ кон земјата се во недостатокот на владеење на правото и кршење на човековите права“, нагласуваат заштитиниците на ѓивотната средина.

Активистот Стојан Велков, еден од оние кои добија опомена пред тужба, во медиумите изјави дека сите ставови изнесени на Фејсбук профилите на активистите се според студиите што се јавно објавени од компанијата „Еуромакс“: „Опомените ги сметаме како притисок да нѐ замолчат. Сѐ што сме кажале на нашите Фејсбук профили се дел од нивните студии, така што, ако ние шириме дезинформации тогаш и тие ја манипулираат јавноста, бидејќи нашите ставови ги влечеме од нивните јавно достапни документи и студии. Ова е класичен начин на заплашување. Тие удираат во сржта на оние луѓе кои најмногу се запознаени и контуинирано кажуваат за штетноста на рудникот”.

Подржувачите на иницијативите #ДАгоСОПРЕМЕпредДАнеСОТРЕ! и #СТОПзаРУДНИКОТнаСМРТТАиловицаШТУКА!, испратија саркастично „извинување“ до компанијата во кое се потенцира:

„Веднаш да кажеме дека извинувања нема да добиете, освен презир и сарказам, оти друго и не заслужувате. Намерните таргетирања на активистити се со заднинска цел да бидат замолчени и заплашени, но она што навистина направивте е со обратен ефект. Поддршка, од секаков аспект, стигнува од сите страни и граѓаните се повеќе мотивирани и обединети да расчистат со вас еднаш и засекогаш. Треба да знаете дека од денес натаму, нема да имате мир, а уште помалку некаква вредност во очите на народот... Вие – несудени профитери од ‘Еуромакс’, вие сте толку заглавени и раштркани во лагите и манипулациите, што судењата ќе бидат пекол за вас и воедно на нас ќе ни овозможат значајна медиумска покриеност, како подготовка, пред да се покренат други позначајни процеси во и надвор од државата, со незгодни документи, сведоци, свиркачи и меѓународни истраги“.

Со саркастични „извинувања“ на социјалните мрежи се појавија и други опоменати активисти, кои не ги штедеа обвинувањата до компанијата.

Но, по шпекулациите во медиумите на и социјалните мрежи дека наводно, соочена со финансиски проблеми „Еуромакс Рисорсис – Македонија“ ќе биде купена од кинеска државна компанија, и дека на компанијата и е неопходен дециден одговор од Владата, пред истекот на роковите кои ги во банките, во дел од македонските медиуми беше објавено соопштението на Групацијата „Трафигура“ која потврди дека преку својата подружница, инвестициската групација „Галена Ресоурс Еквитис Лимитед“ (Galena Resource Equities Limited) ја зголемила својата инвестиција во проектот за рудник за бакар „Иловица – Штука“ на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ за дополнителни 6,9 милиони долари.

Според соопштението, „зголемувањето на своите инвестиции во проектот од ‘Трафигура’ е охрабрено од поддршката што „Еуромакс’ ја добива од локалното население, како и од конструктивните чекори кои македонската Влада ги презема за заедницата, а особено од прогресот на интегративниот процес за влез во НАТО, што е силен сигнал за странските инвеститори“.

Активистот Костадин Ристоманов, за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцираше дека борбата на заштитниците на животната средина продолжува, но сега, во поинаква насока во однос на досегашната, со „Еуромакс Рисорсис“.

„Трафигура“ тврди дека „деталната техничка и правна детална анализа на ‘Еуромакс’ и Проектот во изминатите дванаесет месеци потврдило дека проектот ‘Иловица-Штука’ е усогласен со целата македонска регулатива е проектиран согласно најдобрите меѓународни практики за работење, заштита на животната средина и здравјето на луѓето. ‘Еуромакс’ пред повеќе од една година донесе одлука за откажување од цијанидот и со тоа е во целосна согласност со неодамна усвоените измени на Законот за минерални суровини“.

„Ние одлучивме да се откажеме од употребата на цијанид, а новите финансии ќе бидат вложени во дополнителна техничка работа на терен и поддршка за локалното население. Кога Проектот ќе биде во фаза на работење ќе придонесе за значителен развој на националната економија, особено во регионот каде е лоциран рудникот. Очекуваме понатамошна заедничка соработка со локалното население”, изјавил, поред соопштението, главниот извршен директор на „Еуромакс Рисорсис“, Варшан Гокул.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG