Во последниве денови, извршниот директор на „Тесла“, милијардерот Илон Маск, ја нападна британската влада во серија објави на неговата социјална страница Икс.
Без да обезбеди докази, Маск ја обвини британската влада за соучесништво во наводниот неуспех да ги гони бандите или групи мажи кои сексуално злоупотребуваат деца.
Случаите се протегаат од пред повеќе од 20 години.
„Постоеше чувство дека бандите, особено оние составени од мажи со пакистанско потекло, не се кривично гонети и дека полицијата не ги истражува толку силно како што требаше. Делумно, мислам, поради односот на полицијата кон жалителите - главно девојчиња од работничката класа кои полицијата не ги сфаќаше многу сериозно. Исто така, некои би тврделе, поради чувствителноста околу аспектот на односите во заедницата - со други зборови, полицијата и властите се плашат да не бидат наречени расисти“, вели Тим Бејл, професор од лондонскиот универзитет „Queen Mary“.
Меѓу оние кои тврдеа дека се прикривало во тоа време беше и екстремно десничарскиот активист Томи Робинсон, кој моментално е во затвор поради неповрзани обвиненија.
Маск напиша на Икс дека Робинсон треба да биде ослободен и, цитирам „оние кои го прикриваа овој апсурд треба да го заземат неговото место во таа ќелија“.
Маск го обвини британскиот премиер Кир Стармер дека не ги гонел бандите додека бил главен британски обвинител.
Еве што рече Стармер неодамна: „Оние кои шират лаги и дезинформации колку што е можно подалеку и пошироко, не ги интересираат жртвите, тие се заинтересирани за себе. Оние кои навиваа за Томи Робинсон не ги интересира правдата. Тие поддржуваат човек кој отиде во затвор затоа што речиси го сруши случајот за бандите“.
Стармер додаде дека како главен обвинител, тој отворил бројни случаи на злоупотреба на деца и го покренал првото гонење на азиска банда за злоупотреба на деца.
Но, Маск подоцна ја повтори својата критика, означувајќи го премиерот, цитирам „крајно одвратен“.
Стармер не го повика Илон Маск по име, забележува аналитичарот Бејл.
„Поради неговата блискост со Доналд Трамп, Стармер мора, мислам, да биде многу внимателен, мора внимателно да ги избира зборовите и затоа не може да оди против Маск по име“, вели Бејл.
Маск го критикуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и отворено ја поддржува екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија.
Некои законодавци повикаа европските регулатори да преземат акција против Икс за наводно ширење дезинформации.
„Сепак, се сомневам дека всушност толку многу ќе се случи во тој поглед. Едноставно затоа што иако Илон Маск сака да се гледа себеси како еден вид апсолутист за слободата на говорот, повеќето политичари во повеќето земји во повеќето партии се за слобода на говорот“, посочува Бејл.
Во дополнителен пресврт, Маск неодамна се чинеше дека се сврте кон Најџел Фараж, долгогодишен сојузник на Доналд Трамп.
Маск напиша на Икс дека Фараж цитирам „го нема она што е потребно“ за да ја води британската реформска партија - откако одби да го поддржи затворениот активист Томи Робинсон. Фараж одговори дека стои на својата позиција.