Линкови за пристапност

Честитки за Илинден од САД


Му се приклучив на претседателот Пендаровски да се одбележи основањето на модерната македонска држава, напиша американската амбасадорка Кејт Брнз на Твитер

САД денес им го честитаа Илинден на македонските граѓани. Амбасадата на САД во Скопје, преку Твитер порака, испрати честитка за 117-та годишнина од празникот.

„Му се приклучив на претседателот Пендаровски да се одбележи основањето на модерната македонска држава“, напиша американската амбасадорка Кејт Брнз.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео ја посети Северна Македонија минатата година, речиси еден месец по Денот на независноста на државата.

По тој повод тој тогаш изјави:

„Во име на Владата на САД и американските граѓани, им честитам на граѓаните на Северна Македонија 28 години независност на државата. Како што го славиме историскиот Договор од Преспа, продолжуваме да ги поддржуваме аспирациите на Северна Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Вашата посветеност на демократските принципи и владеењето на правото, придонесува не само за иднината на Северна Македонија, туку и за мирот и стабилноста во регионот“, рече тогаш Помпео.

Републиканскиот градоначалник на Кајахога Фолс во Охајо Дон Валтерс, денес испрати честитка за Илинден, во која се вели:

„Во градот, додека нашите македонски-американски пријатели го прославуваат овој важен празник, и во име на сите граѓани, ви ја прошируваме нашата добра волја и пријателство до заедницата додека ја признаваме вредноста која што македонските Американци ја донесоа во овој град и држава“, рече тој.

И поранешниот потпретседател Џо Бајден ѝ го честита празникот Илинден на македонската заедница во САД.

„Џил и јас испраќаме честитки до македонско-американската заедница, која што го празнува Илинден и антифашистичката декларација од 1944 година. Овие настани ја поставија основата за суверена, плуралистичка и мултиетничка република, која САД се горди да ја наречат пријател и сојузник, и која е длабоко почитувана членка на евроатлантската заедница“, се вели во изјавата на Бајден.

Гласот на Америка, по повод денешниот празник, побара изјава од Белата куќа. Оттаму не` упатија на изјавата од Стејт департмент, која, пак, денес ја пренесе амбасадорката Брнз во Скопје.

Гласот на Америка побара реакција и од кампањата на претседателот Трамп. Оттаму се` уште чека одговор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG