„Неколку работи кои мене ме движат. Да си ја сакаш работата која си ја работиш. Да веруваш во себе и она што мене најмногу ме држи на мои 52 години е да си го чувам детето во себе. Ако тие работи, јас ја велам златна тројка се присутни во секој ден, нема момент да не бидеш успешен“, тоа се трите работи потребни за да се биде добар педагог и едукатор, вели Иле Михајловски од Свети Николе, кој неодамна се најде во групата на 50 најдобри наставници во светот, како дел од светскиот избор (Global Teacher Prize) кој се организира деветта година по ред.
Само тројца од нив биле од Балканот. Вели дека до оваа престижна листа се доаѓа не така лесно. Бил номиниран од блиска личност, но поминал низ сложен процес на аплицирање и интервјуа.
„Самата апликација која е во електронска форма содржи 10 прашања на англиски јазик со лимитиран фонд на зборови,10 опции за прикачување на докази и тука е можеби проблемот и тежината што да издвоиш, што да вклучиш, а што да исклучиш“, посочува Михајловски.
Да веруваш во себе и она што мене најмногу ме држи на мои 52 години е да си го чувам детето во себеИле Михајловски, одделенски наставник
Оваа година имало повеќе од 5000 пријавени кандидати од 89 држави. Најдобрите 50,меѓу кои и Иле на почетокот на февруари во Дубаи присуствуваа на финалето, на глобалната награда за наставници (Global Teacher Prize), која ја доделува Фондацијата Варки од Англија, поддржани од образовната мрежа Gems education и УНЕСКО, каде победникот доби награда од 1 милион долари.
„Она што мене ме радува е што сите ние 50 финалисти веќе сме амбасадори на Варки фондацијата и нештата допрва започнуваат за нас. Патување по светот, вклучување во ред образовни промени како такви и ова големо семејство на амбасадори, ја имаат клучната улога во создавање на позитивни промени во образованието насекаде во светот“, вели Михајловски.
Го прашавме каде е македонското образование на светската мапа. Вели потребни се измени на образованиот систем со вклучување на социјалниот и економскиот аспект, како и инкорпорирање на светската технологија.
„Не сме на дното, но дека котираме високо не. Материјално од она што го видов, нашиот образовен систем стои прилично ниско. Она што значи условите кои се нудат во образованието, колку наставниците се поткпрепени со сите наставни средства кои им се потребни. Ние по многу предмети се уште немаме учебници. Сериозно треба да се работи“, посочува Михајловски.
Веќе има понуди за учество во проекти на светско ниво, од каде сака искуствата кои ќе ги стекне, да ги пренесе и инкорпорира во македонскиот образовен систем.
„Дали ќе бидам повикан од нашето министерство за образование, дали ќе бара сугестии, му стојам на располагање. Но ќе кажам дека Македонија изобилува со квалитетни наставници, кои можат да бидат двигатели на образовниот процес и на измените во иднина“, истакнува наставникот.
Она што најмногу му смета е партизацијата на општеството, која е присутна и во образованието.
„Во секое едно општество, во секоја една држава, политиката треба да се тргне од образованието, ако сакаме да имаме квалитетно и стабилно образование“, додава Михајловски.
Михајловски, кој 30 години работи како одделенски наставник во ОУ„Кирил и Методиј“во Свети Николе, жали за деновите кога училниците беа полни со ученици.
„Мојата прва генерација беше 33 ученици. Се зголеми до 35 истата. Во моментов имам 20, а сега се 17 ученици. Што значи дека три се отселија. И она што за секој Македонец, кој остана да живее тука, најболната точка е дека младите не се мотивирани да останат овде, ја напуштаат државата, се отселуваат голем број на семејства. Нашиот град е еден од многуте кој останува празен“, истакнува Михајловски.
Михајловски во 2019-та година се стекна и со признанието за најдобар наставник во поранешна Југославија, кое го доделува истоименото здружение.
Познат е како хуманист, добротворец, организатор на бројни хумани мисии. Сака да биде пример за останатите колеги, сите заедно да бидат двигатели за подобро утре на македонското образование.