Линкови за пристапност

56 илјади денари е минимумот за некако да се преживее месецот, ССМ ја објави пресметката на синдикалната кошничка


16 илјади денари недостасуваат кај семејство со двајца родители со минимални примања за да ја покријат минималната кошничка. Со овие пари четиричлено семејство ќе може да си приушти два пати во месецот сендвич од сендвичара и седум дена одмор во јуни во бунгалов во Дојран

СКОПЈЕ – Две минимални плати се доволни да покријат едвај 70 отсто од троѓоците во минималната синдикална кошничка, покажуваат последните пресметки на сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ). Декемвриската минимална синдикална кошничка тежи 56.552 денари а пресметките ги изработија двајца поранешни министри за финансии, Никола Поповски и Драган Тевдовски кои беа ангажирани од ССМ. Тоа значи дека на четиричлено семејство каде двајцата родители се со минимална плата ќе им недостасуваат 16 илјади денари за да ги задоволат најосновните потреби.

Како основ за пресметка експертите Поповски и Тевдовски, земаат четиричлено семејство кое живее во свој стан од 60 квадрати. Доколку тие мора да плаќаат и кирија, износот на кошничката се зголемува на 71.972 денари.

„Претпоставка е дека семејството не може да си дозволи да се храни во ресторани со оглед дека е минимално ќе се храни дома со тоа што два пати месечно ќе купуваат хамбургери од сендвичара, може да замислите колку е тоа во текот на еден месец особено со две деца. Одат на одмор но го валоризиравме најниското можно во Македонија со оглед дека е минимален пакет. Одат само седум дена во јуни во Дојран во бунгалов што е најниска можна цена“, објаснува Никола Поповски, универзитетски професор.

Овој пат Поповски и Тевдовски, раководејќи се од реалната и моменталната состојба воведоа четири нови ставки – комуникации, ресторани и хотели, останати стоки и услуги и сега пресметките се вршат врз 11 ставки за разлика од досегашните седум. Нови ставки се комуникации, ресторани и хотели, останати стоки и услуги.

За тоа колку ригорозно се вршени пресметките сведочи ставката лична хигиена и хигиенски производи која тежи 1.714 денари месечно

„Личната хигиена би било елементарните и најевтините производи вклучувајќи сапуни, шампони, паста за заби, прашоци, тоалетна хартија вклучувајќи средство за чистење на покуќнина. Ако земеме паста за заби од 75 милиграма, две месечно односно половина паста од член на семејството месечно“, објасни Поповски.

Гледано по ставки, најмногу тежи храна и пијалаци 20.700 денари или 36,7 отсто а потоа се режиските трошоци со 10, 4 отсто или речиси вкупно половина од кошничката.

„Првите четири ставки во структурата, храна пијалаци, облека и обувки, домување и лична хигиена. Пред се тоа е материјалната потрошувачка прави 58,6 проценти од кошничката што значи дека имаме наклонетост кон материјалната потрошувачка“, кажа Поповски.

Пресметките покажуваат дека со две минимални плати се покриваат само 71,4 отсто од минималната кошничка додека една просечна плата покрива само 69,9 отсто.

Клучен проблем е како семејство каде што двајцата родители се со минимални примања ќе дојдат до средства за да располагаат со најнеопходните и минимални 56.500 денари. Во пресметките не е вклучена рата за кредит поради можност за двојно пресметување но и фактот што оваа категорија на граѓани е кредитно неспособна.

Според податоците на ССМ заклучно со октомври 25 илјади работници примиле минимална плата која изнесува 20.175 денари.

Поповски нагласи дека методологијата користена за изработка овозможува ССМ секој месец да прави нова пресметка бидејќи се користени податоци и сајтови кои се ажурираат на дневна база и овозможуваат реална слика.

На презентацијата на минималната синдикална кошничка присуствуваа претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска кои истакнаа дека со новата методологија за пресметка се дава кредибилитет на пресметката а кошничката треба да биде основ за креирање на политиките и законите како и при преговорите меѓу синдикатите, работодавачите и извршната власт.

XS
SM
MD
LG