Игор Анастасов, веќе седум месеци живее и работи во градот Аждот еден од нај изложените на воените дејствија во Израел, бидејќи се наоѓа на само 30 километри оддалеченост од Газа. За Глас на Америка раскажува дека детонациите и ракетите се нивно секојдневие. И по неколку пати на ден се принудени да се кријат во бункерите од зградата.
„Има антиракетен систем и многу животи се спасени благодарение на него. Секогаш кога ќе се испука ракета од таму, додека стигне ракетата, аларм-системот не престанува да свири. Имаме 15 секунди тогаш да избегаме во бункер, тоа е соба специјална, која е метална и неуништлива. Во секоја зграда има барем по една таква соба“, вели Анастасов.
Најпогодени се градовите Ашкелон и Аждот, вели тој.
„Првиот град е Ашкелон кој го посетив денес и погоден е од неколку ракети, додека вториот сме ние Аждот кој сме 30-тина километри од Газа и сите насочени ракети се кон овие два града. Аждот е еден од најубавите и најголемите градови во Израел. Ситуации има скоро секој ден, секоја минута. Сирената откако ќе се слушне сите бегаат. Во секој момент паѓаат ракети околу зградите. Во Ашкелон и Аждот се и најголемите воени бази и затоа Хамас специјално ги гаѓаат, а и километражата е многу блиска“, вели тој.
Хорор филм е малку да се каже дека она што се случува тука вели Игор.
„Ситуацијата е страшна. Не се опишува. Хорор филм. Буквално најлошата војна која сум ја замислил е оваа“. Рече Анастасов.
Игор вели дека не планира и покрај се што се случува да го напушти Израел. Тој и со апел до македонските власти да помогнат на оние кои сакаат да ја напуштат државата.
Во близина на зградата на Игор пред само неколку минути пред нашиот разговор паднале неколку ракети.
„Јас сум седум месеци овде во Израел и не планинарам да го напуштам, ќе издржам до крај. Помогнете им на сите што се заглавени. Има луѓе кои навистина се преплашени, што прв пат се соочуваат со ова и слушаат звук од пушка, од војна. Затоа стравот е преголем и ја замолувам и Владата да го забрза процесот на евакуација за тие што сакаат. Јас лично ќе останам до крај. Моментално пред само пет минути пукнаа четири ракети во близина на мојата зграда, но во воздух. Ги уништува анти-ракетен систем, кој е на струја, и благодарение на него сме живи и здрави инаку ќе беше хаос. Има луѓе кои веќе се надвор од Израел. Стравот е преголем. Поминаа само две ракети. Една вчера удри во автомобил, а една во зграда, другите сите беа уништени“, рече тој.
Во градот каде живее тој отворени се повеќето продавници, но не сите.
„Функционираат повеќето институции и продавници, но не сите. Магацините и фабриките работат со скратено време. Имаше 30 наши граѓани, кои амбасадорот лично ги зеде вчера со превоз, а има уште 15 наши граѓани“, рече тој.
Вели дека сака да остане затоа што го засакал животот во Израел, а и платите биле големи.
„Сакам да го преживеам и ова чувство. Можеби е малку лудо, ќе останам до крај, со господ напред“, рече Анастасов.