Линкови за пристапност

Здравкин: „Во Идомени, гумени чизми и тенџере се привилегија!“


„Луѓето се заглавени во невозможни услови “, вели хуманитарката Ленче Здравкин

„Во Идомени, на грчката страна од границата, ситуацијата е се` уште очајна. Луѓето веќе не чекаат на границата, тие едноставно, живеат таму, се обидуваат да се приспособат како што знаат и умеат“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, хуманитарката Ленче Здравкин, која од почетокот на бегалската криза на почетокот на минатата година, речиси секојдневно, во својот дом во Велес, во прифатниот камп во Гевгелија, на македонско-грчката граница, или во Транзитниот камп во Табановце на македонско–српската граница, им помага на бегалците и мигрантите и им дели донирана помош.

Таа ја минува и границата за да помогне на луѓето од другата страна.

„Луѓето во Идомени се заглавени во невозможни услови, сакаат само да преживеат, не сакаат да се вратат во своите земји од кои избегале поради војните, сиромаштијата и гладта. Нема доволно шатори, има многу кал, сега најбарани им се тенџерињата, за да можат во крајно импровизирани услови да запалат огин и да зготват компир или макарони. Вода и кал, околу нив, а некогаш нема доволно ни вода за пиење... И на грчката страна, домаќините се обидуваат да помогнат. Се ветуваа нови кампови низ Грција за прифаќање на бегалците, ама тоа оди бавно, секој ден по 2-3 автобуси нудат враќање за Атина, ама ретко кој се нафаќа да се врати. Се враќаат само оние кои психички не можат веќе да издржат... Имам впечаток како и претставниците на ‘Лекарите без граници’ и на УНХЦР да се се` помалку. Не знам... Малку се големите шатори со кревети, а во малите сместувањето е тешко...“, вели Здравкин, која ја истакнува и хуманоста на грчките граѓани кои со автомобили доаѓаат самоницијативно да им помогнат на бегалците.

На македонската страна, по затворањето на границата, ситуацијата е мирна со само неколку десетици бегалци, кои според Здравкин „веќе се одомаќиниле и полека учат и по некој збор на македонски. Тоа се страдалници, луѓе кои се добро информирани, знаат дека проблемот не е во Македонија, но многу е лесно да се манипулира измачен народ. Со секој ден на границата, се повеќе се прашувам што е всушност, нормално во една ваква ситуација?“

Од друга страна, според медиумите, кои го цитираат портпаролот на грчката Канцеларија за координирање на миграциската политика Јоргос Кирицис, дека гласините се шират како „шумски пожар“ меѓу бегалците, грчката Влада најавила поставување на звучници на границата со Македонија за да ги убедува илјадниците бегалци и мигранти, да ги игнорираат гласините дека Балканскиот коридор кон Западна Европа пак ќе се отвори. Илјадници бегалци се` уште се или на грчката страна на границата или на пристаништето Пиреја крај Атина.

А во Македонија, според новиот извештај на УНЦХР, се сместени 26 деца-бегалци од Авганистан и од Сирија, на возраст од 14 до 17 години, кои патувале сами, без придружба на родители или роднини, како и 42 деца кои патувале без родители, придружувани само од роднини. Според канцеларијата на УНЦХР, две деца се со посебен социјален ризик, едно малолетно момче е веќе родител, а едно 16-годишно девојче е бремено. Тие деца се дел од 1.184 бегалци кои се официјално регистрирани во Македонија, меѓу кои има и хронично болни лица и 29 трудници и бегалци на возраст од над шеесет години.

XS
SM
MD
LG