Гувернерот на Северна Каролина Рој Купер вели дека ризикот по живот се зголемува поради бурните води, како резултат на ураганот Флоренс кој донесе тони дожд во оваа сојузна држава.
Најмалку 17 лица загинаа, а цели градови се комплетно изолирани поради поплавите. Повеќе од 700.000 домови останаа без електрична енергија.
„Каде и да живеете во Северна Каролина бидете подготвени за поплави. Следете ги временските предупредувања, за да можете да бидете подготвени за евакуација“, предупредува Купер.
Ураганот Флоренс донесе дожд во југоисточниот дел на САД, како што полека се повлекува кон средината на Атлантскиот Океан.
Некои делови на Северна Каролина се соочија со 100 сантиметри дожд, додека вкупно 50 сантиметри се забележани низ пошироките предели.
Околу 26.000 луѓе во оваа сојузна држава се сместени во 157 засолништа, откако ги напуштија нивните домови во обид да избегаат од надојдената вода.
Метеоролозите очекуваат наредните денови да наврне пет до 12 сантиметри дожд, како што ураганот се сели од Северна и Јужна Каролина кон јужниот дел на регионот Њу Ингланд.
Белата куќа изјави дека претседателот Доналд Трамп би ги посетил погодените делови во наредните денови, само доколку неговата посета не влијае врз спасувачките напори.
Facebook Forum