Ќе се евакуираат граѓаните кои живеат во крајбрежните области на сојузните држави Северна и Јужна Каролина, бидејќи ураганот Флоренс добива на сила, движејќи се кон копното на САД.
Националниот центар за урагани очекува дека ураганот денес и утре нема да ги погоди островите Бермуда и Бахамите, додека в четврок или рано утрината в петок, се очекува да ги погоди Северна и Јужна Каролина.
Населението во Јужна Каролина се опремува со вреќи со песок, кои треба да ја задржат водата надвор од нивните домови.
Гувернерот Хенри Мекмастер нареди да се евакуира целото крајбрежје или околу еден милион луѓе.
„Имаме ураган и бранови кои можат да бидат високи и до три метри. Во секој случај ќе има поплава“, изјави Мекмастер.
Претседателот на САД Доналд Трамп на Твитер побара од луѓето да бидат внимателни, и да се подготват за една од најлошите бури што ќе го погоди регионот во последниве години.
Трамп, исто така, рече дека разговарал со гувернерите на државите за траекторијата на движење на ураганот Флоренс, и ги уверил дека федералната помош ќе им биде на располагање.
Јужна и Северна Каролина, заедно со сојузните држави Вирџинија и Мериленд, прогласија вонредни состојби, а властите на Њу Џерси ги предупредија граѓаните да преземат мерки на претпазливост.
Facebook Forum