Линкови за пристапност

Трговијата со луѓе е модерно ропство


По повод Европскиот ден на борба против трговија со луѓе - 18 Октомври, промовирана е веб-кампања за подигање на свеста на ранливите групи, но и на целата јавност

„Трговијата со луѓе не е само кривично дело, туку е многу повеќе затоа што претставува флагрантно кршење на човековите права. Трговијата со луѓе е новиот вид модерно ропство. Сиромаштијата, невработеноста и семејното насилство се едни од главните причини кај одредена група луѓе која е осетлива и ранлива на трговијата со луѓе. Со жалење можеме да констатираме дека сè поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, сè поголем е бројот на деца кои се сексуално експлоатирани“, рече на денешното одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи и координатор на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.

Денешниот настан го означи и почетокот на веб-кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници - за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, која се спроведува во рамките на проектот „Зајакнување на националните капацитети во областа на азилот, миграциите и трговијата со луѓе”, финансиран од Европската унија и кофинансиран од Фондот за развој на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), а имплементиран од ИОМ и министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

Кампањата ќе се фокусира на трговијата со луѓе за сексуална и трудова експлоатација и на детските бракови како ризик за појава на трговија со деца, но, меѓу целите на кампањата се и подигање на свеста на ранливите заедници -за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, и подигање на нивото на чувствителност и кај пошироката јавност и во медиумите, и особено меѓу високо-ризичните категории - за ризиците поврзани со миграциите, со акцент на трговијата со луѓе и на правовремено информирање за начините за пријавување на експлоатација и за барање помош.

Според раководителката на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции, Соња Божиновска Петрушевска, податоците на ИОМ покажуваат дека покрај сексуалната експлоатација, сè подоминантна форма во регионот и во Македонија е и трудовата експлоатација, чии жртви се момчиња и мажи, за чие спречување е исто така, неопходна превенција во смисла на информирање за опасностите од трговијата со луѓе.

Покрај сексуалната експлоатација, сè подоминантна форма во регионот и во Македонија е и трудовата експлоатација, чии жртви се момчиња и мажи


Според државната секретарка во МВР, Несторовска, минатата година во Република Северна Македониа шест деца биле жртви на трговија со луѓе, односно биле сексуално експлоатирани и принудувани на бракови, а годинва имало три нови случаи на деца-жртви на трговијата со луѓе, биле поднесени девет кривични пријави против 23 лица, од кои на едно лице му е изречена казна затвор од 17 години. При спротивставувањето на криумчарењето мигранти, формираната единица открила пет организирани криминални групи против кои минатата година е поднесена 51 кривична пријава, а годинава се поднесени три кривични пријав, и против 37 лица од две организирани криминални групи.

Јована Тренчевска, државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика, денеска изјави дека „во насока на подобрување на процесот на идентификација и заштита, во текот на изминатиот период со поддршка на ИОМ воспоставивме пет мобилни тима во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе“. Тимовите годинава идентификувале три жртви и 63 потенцијални жртви на трговија со луѓе и голем број ранливи лица – најмногу деца, на кои потоа им била овозможена соодветна помош. Во составот на мобилните тимови биле вклучени претставници на центрите за социјална работа, претставници на МВР- Националната единица за борба против трговија со луѓе, како и здруженија на граѓани, и нивното функционирање во изминатите 18 месеци било поддржано од ИОМ. Според Тренчевска, годинава МТСП ја зголемило финансиската поддршка за Центарот за лица жртви на трговија со луѓе и жртви на сексуална експлоатација.

Европскиот ден на борба против трговија со луѓе - 18 Октомври, денска е одбележан и во Охрид и во Кавадарци. Според медиумските извештаи, општинскиот Црвен крст во Охрид организирал јавен настан на кој волонтери изведуваат реален приказ на опасностите и ризиците кои ги носи проблемот на трговија со луѓе, а откако кавадаречкиот Црвен крст, одржал едукативна работилница за ученици од трите средни училишта во градот, тие денеска им делеле на граѓаните едукативни флаери за спречување на трговијата со луѓе, и носеле кукли со црвени ленти на устите и транспаренти: „Ние не сме производ за продажба” и „Украдени луѓе-украдени соништа”.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG