Линкови за пристапност

Банкарскиот гигант ХСБЦ под истрага за наводното перење пари


Женева отвори истрага за огранокот на британската банка во Швајцарија по наводите дека помагала во затајување данок.

Обвинители од Женева велат дека отвориле кривична истрага по наводите за перење на пари од страна на приватната банка на Швајцарија ХСБЦ. Во соопштението се вели дека чекорот доаѓа по неодамнешното разоткривање во кое беше вклучена филијалата во Женева.

Минатата недела Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари во Вашингтон и неколку медиумски организации, соопштија дека филијалата на ХСБЦ во Женева помогнала на клиенти од преку 200 земји да скријат милиони долари за да не платат даноци. Извештаите биле базирани на документи украдени од поранешен вработен во банката во 2007-та година. Документите биле доставени до француските власти, кои потоа ги споделиле со други земји.

Професорот по економија Томаж Михалски од Школата за бизнис ХЕК во Париз, изјави дека филијалата на ХСБЦ во Швајцарија веќе се соочува со истраги од страна на властите во Франција и Аргентина, меѓу другите земји. Најновите наводи, само надодаваат на постоечките проблеми.

„Бидејќи не е само пасивно затајување на даноците - чување на пари за лица на нивните сметки без притоа да се поставуваат никакви прашања. Се работи за активно охрабрување за затајување на даноци, активно перење на пари со можност да е поврзано со трговци со оружје, дрога, со диктатори. Значи, аферата е потенцијално многу посериозна“, вели Мичалски.

Во соопштение од средата, банката ХСБЦ вели дека соработува со швајцарските власти, откако податоците биле украдени. Во одговор на извештаите од минатата недела, генералниот директор Франко Мора изјави дека наредил затворање на сметките на клиентите кои не ги исполните високите стандарди.

ХСБЦ не е првата банка под лупа изминативе години. Американските власти, на пример, казниле неколку финансиски институции, вклучувајќи ги швајцарските банки УБС и Кредит Швајцарија, за помагање на американски државјани да затајуваат даноци.

„Мислам дека ова ќе се случи и на ХСБЦ, ќе мора да платат многу казни, многу луѓе ќе бидат отпуштени, а за многу ќе биде покрената кривична истрага“, изјави Микалски.

Тој додаде дека финансиската криза од 2008-та придонела за построги регулативи. Воедно, посиромашните земји обрнуваат поголемо внимание на поединци и компании коишто се занимаваат со затајување на даноци.

XS
SM
MD
LG