Линкови за пристапност

Ховит загрижен за селективната правда во Македонија

  • Борјан Јовановски

Посетата ќе ја искористел да ги слушне аргументите за пресудата за новинарот Кежаровски, изјави Ричард Ховит

Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент Ричард Ховит, е загрижен поради пресудата за новинарот Томислав Кежаровски, алудирајќи на селективна правда од страна на судството во Македонија. Тој истакна дека трите дена од неговата посета ќе ги искористи за интензивни разговори со сите страни за да слушне и размени идеи за сите процеси и да ги разбере причините кои доведоа до пресудата.

После ова ќе ги документирал сите настани и ќе ги изнесел пред Европскиот Парламент. Ховит рече дека земјите членки на ЕУ се многу загрижени за последните политички случување како и за состојбата во медиумите.

Неговиот апел беше задолжително да се врати довербата меѓу власта и медиумите.

„Ова прашање нѐ загрижува до највисоко ниво, односно многу колеги и земји претставени во Брисел. Тоа се однесува посебно на слободата на медиумите во оваа земја. Ние без сомнение одблиску ги следиме дебатите за Законот за медиуми, случајот Кежаровски и преговорите кои се прекинати на тркалезната маса меѓу Владата и Здружението на новинарите на Македонија. Се надевам дека отворено ќе зборуваме за овие прашања на средбите, иако некои сакаат селектирани прашања... Не сакам да коментирам за случајот на Кежаровски... Hие ја почитуваме независноста на судот и останувам на овој став. Но, фактот што овие прашања станаа толку полирализирани и добиваат критики не само од македонските претставници туку и од меѓународните организации за ваквите случаи, оставаат впечаток дека, барем тоа можам да го кажам, дека во оваа земја се случува селективен процес на правдата“, истакна известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Ховит.

За време на неговата посета, тој рече дека тема на разговорите ќе биде и договорот што Македонија го потпиша со руската федерација за гасоводот и колку е тој компатибилен со европското законодавство.
Ховит ова го кажа на Седницата на Советот за евроинтеграции на која беше презентиран и се дискутираше за извештајот на ЕК за Македонија, како и за очекувањата од декемврискиот Европски совет кој ќе треба да одлучува околу препораката за почнување преговори.

Вицепремиерот за европски прашања на седницата Фатмир Бесими на Советот рече дека владата ќе работи во насока на менување на аргументите во полза на Македонија, но оти за тоа ќе треба да помогне и опозицијата, како и граѓанскиот сектор. Бесими се осврна и на односоте со соседите.

„Реформите и отворениот и конструктивен пристап кон соседите се два комплементарни аспекти. Ние сме јасни и имаме длабоко уверување дека реформите без решавање на спорот за името не се доволни за интегрирање во ЕУ“, рече Бесими.
XS
SM
MD
LG