Линкови за пристапност

Претставничкиот дом изгласа дека државниот обвинител Холдер покажал непочитување на Конгресот


Го зеде на одговорност поради тоа што одби да предаде дополнителни документи за контроверзната акција за следење на шверцувано оружје.

Претставничкиот дом на САД вчера гласаше да го земе на одговорност државниот обвинител Ерик Холдер за непочитување на Конгресот поради тоа што одби да предаде документи за неуспешната акција „Фаст енд фјуриус“ за следење на шверцувано оружје од САД во Мексико.

Домот ја донесе одлуката со разлика во гласовите од 225 наспроти 67. Демократските пратеници во најголем дел одбија да гласаат и во знак на протест го напуштија Конгресот. Тие тврдат дека се работи за трик за свртување на вниманието од многу поважни прашања.

И Белата куќа го осуди гласањето како политички театар и стапи во одбрана на Холдер, оценувајќи дека е одличен државен обвинител. Во изјавата се наведува дека тој веќе доставил преку 7.600 страници до конгресните истражители како и дека нема докази дека тој бил директно вклучен во операцијата.

Многумина републиканци, пак, веруваат дека Белата куќа задржала важни информации за операцијата и наведуваат дека првите лица на Одделот за правда можеби лажеле за тоа што навистина знаат за случајот.

Холдер е прв член на владиниот кабинет кој е земен на одговорност за непочитување на Конгресот додека бил на функција. Тој кажа дека гласањето е за жалење и погрешно, додавајќи дека операцијата започнала за време на претходната влада на претседателот Џорџ В. Буш. Холдер тврди дека ставил крај на операцијата веднаш откако дознал за неа.

Во нејзини рамки, федерални агенти од Аризона намерно дозволиле да биде прошверцувано оружје во Мексико, во надеж дека тоа ќе ги доведе до главните трговци со оружје. Но, агентите загубиле трага на оружјето откако ја минало границата и подоцна две парчиња од него биле употребени во убиството на американски пограничен агент.

И покрај гласањето, Холдер најверојатно нема да биде кривично гонет бидејќи се наоѓа на чело на Одделот за правда. Евентуалното ново гласање за непочитување на Конгресот би довело до тоа Претставничкиот дом да појде на суд и да се обиде да го принуди Холдер да ги предаде дополнителните документи.
XS
SM
MD
LG