Откако на седницата на 5 јули, Владата ја усвои Информацијата за изготвување закон за донирање на вишокот на храна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доби задача до 5 август да го достави Нацрт-законот, а Министерствата за труд и социјална политика и за локална самоуправа се задолжени, во рок од 15 дена да изградат заеднички став во однос на дефинирањето корисници на храната што ќе биде донирана, односно, да определат критериуми што треба да ги исполнуваат корисниците на храната што ќе биде донирана, како и во однос на мониторингот на распределбата на вишокот на храна до крајните корисници.
Работната група за изработка на Закон за донирање вишок храна беше составена од претставници од петнаесеттина институции и четири граѓански организации, а координатор беше Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според дел од активистите, битен сегмент од предлог законот е дека институциите и координаторската АХВ, се согласиле да се востанови терминот „вишок храна...“, што досега го немало во ниеден закон, ниту правилник во актите кои ја уредуваа оваа материја.
Со предлозите во новиот закон, се предвидува компаниите кои ќе донираат храна да имаат даночни олеснувања, а во донациите ќе може да биде опфатена храна која е ставена во промет а не е продадена, храна на која и се приближува рокот на употреба, неискористена храна од угостителски објекти и судски конфискувана храна која е безбедна за употреба... Теми на разговорите во работната група биле и прашањата за начинот на избор на задолжените за дистрибуција на храната, како и на крајните корисници - дали храна би добивале само корисниците на социјална помош или и граѓаните со ниски примања.
Душко Христов, претседател на „Банката за храна - Македонија“ , воедно и директор и финансиски менаџер на проектот „ВСС Ефект“, поддржан од Европската Унија, кој неопходноста од законот ја илустрира со податокот дека над 70.000 македонски граѓани имаат само 2 до 3 оброка неделно, а над 12 илјади тони употреблива храна се фрлаат на депониите, сепак, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, изрази и делумна резервираност во поглед на крајниот изглед на законскиот текст.
„Работната група работеше од крајот на март 2019 до крајот на јули 2019, а работата се реализираше низ десет работни сесии при што успеавме некако да се согласиме и го составивме предлог - законското решение за актуелната тема, вишокот храна и ставање на истата во корист на лицата и семејствата во социјален ризик т.е. на сите оние кои ќе имаат потреба од храна. Од почетните позиции, предлогот штој беше ставен на маса во април 2019, во крајниот предлог текст се смени за цели 180 степени. Првично, имаше одредби и насоки кои наведуваа дека во рамки на Законот треба и ‘мора’ да се турка една иницијатива која самата по себе беше противречна и неизводлива, за на крајот, со предлози и сугестии од сите страни – вклучени во процесот, дел од недоразбирањата да се ‘испеглаат’ (барем така беше во крајниот текст што како документ се испрати до Министеството за правда, а оттаму ќе оди и до Владата, на почетокот на август), меѓу сите нас што бевме вклучени во работната група. Но, сè до негово конечно појавување во јавноста, можеме само да шпекулираме што Владата ќе избере или ќе остави од нашите предлози“, ни изјави Христов.
„Секако, како и секој Закон и овој има свои казнени одредби кои останаа да ‘висат’, а со истите треба да се стави ред и да се наметне сериозна обврска и одговорност на сите чинители во процесот – од донатори–оператори со храна, преку ‘дистрибутери – доставувачи на вишокот храна’, до самите корисници на оваа услуга. Ништо не смее да се импровизира и да се однесува кој како ќе му текне, од една страна да се води ПР преку човекољубие, а од друга страна, да се загрозат животи на корисници кои и не по своја волја би пристапиле да побараат храна“, предупредува Христов, членик на организацијата која се грижи за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица.
Тој потенцира дека нема идеално законско решение во оваа област, па така, „и со актуелниот предлог Закон, се стимулираат, но и се обврзуваат операторите со храна (нешто меѓу стапот и морковот), да не ги фрлаат вишоците храна, кои можат на брз и добар начин да се стават во функција на гладните сограѓани“.
Минатиот месец се одржа и конференција за општествените придобивки од донирање вишок храна, во организација на ушде една организација чија дејнсот е во оваа сфера, платформата „Сите сити“, на која присуствуваа претставници на педесетина компании. Тогаш, во медиумите беше објавена информација дека околу 500 лица од социјално ранливи категории (стари и изнемоштени лица и лица од рурални средини) како и бездомници од Скопје, Прилеп и Куманово, добиваат храна што се обезбедува од вишоците што им остануваат на компаниите, во рамки на проектот „Оброк за сите“, што во пунктот за бездомни лица во Скопје го презентираа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претседателот на организацијата „Сите сити“ Блаже Јосифовски и секретарот на Црвениот Крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска.
На прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик за министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, за нејзиниот став за текстот на Законот за донирање вишок храна доставен до Владата и за работата на Работната група, со оглед на резервите на г. Христов од „Банката за храна – Македонија“, како една од НВО вклучени во процесот, кој беше скептичен дали Владата и ќе го прифати предложениот текст, и изнесе тврдење дека имало наводните неуспешни обиди за фаворизирање на само една иницијатива, за време на функционирањето на Работната група, од МТСП го добивме следниот одговор:
„Носител на процесот на подготвување на Предлог Законот е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно Агенцијата за храна и ветеринарство и за повеќе информации треба да се обратите во овие институции.
Министерството за труд и социјална политика е вклучено во работната група само во делот на уредување на категорија на корисници кои би имале пристап до донацијата на вишокот на храна“.
Истото прашање го поставивме и во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, од каде г. Александар Диље, ни го испрати следниот одговор:
„Предлог Законот за донирање вишок храна согласно законодавната агенда на Владата на Република Северна Македонија е планиран за носење во текот на 2019 година. Владата ја задолжи АХВ да ја координира активноста на подготовката на законот. Во работната група се вклучени сите релевантни органи за имплементација на предлогот АХВ, МЗШВ, МТСП и Министерството за финансии), како и НВО кои работат во полето на донирање на храна (Ајде Македонија, Црвен крст на Република Македонија...). Согласно процедурата, текстот на законот пред да се достави во Владина процедура, ќе го поминува и патот на консултација на јавноста преку Националниот електронски регистар на прописи на Република Северна Македонија – ЕНЕР... Министерството нема информации која НВО има скептичност кон текстот на законот, затоа што на работните состаници ниту една организација не изјавила скептичност... МЗШВ е орган кој го предлага законот, но Владата е орган кој го усвојува предлогот и го доставува со Собранието. Исто така, во работата на Работната група не постојат разлики меѓу органите на државната управа за методите, мерките и критериумите кои се прифатливи за секој орган поеднечно“.
Активистот Христов пак, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик беше дециден дека, „обидот за ‘туркање’ на само една иницијатива во законското решение, покажува дека некои проблеми од блиското минато не се решени со промена на власта“. Христов потецнира дека „иако темата околу која се ‘натпреваруваат’ граѓанските организации и здруженија е самата по себе обединувачка - борбата против гладта и сиромаштијата, со обиди за фаворизирање на одделни учесници, се продлабочува и јазот во невладиниот сектор“.
Facebook Forum