Линкови за пристапност

Божиќ за бездомни деца


Божиќ за бездомни деца
Божиќ за бездомни деца

Божиќ е празнично време, особено за децата, кога семејствата се собираат за да прослават заедно со вкусна храна и подароци. Но за деца од бездомни семејства, Божиќ може да биде тажно време. Насмевка на лицата на таквите е награда за еден човек од Њу Орлеанс, во Луизијана, да организира прослава за, како што вели, „заборавените ангелчиња“.

Кога Кларенс Адамс се пријавил за работа како советник во засолниште за бездомни во Њу Орлеанс пред 16 година, тој не знаел многу за бездомниците.

„По интервјуто, тие ме прошетаа низ зградата, а беше време за ручек. Кога видов дека таму има деца, ме погоди. Никогаш не сум мислел за деца како за бездомни“, вели Адамс.

Тој ја добил работата и презел на себе да им помогне на децата што доаѓаат во засолништето на секаков можен начин. Одел со нивните родители да бидат запишани во училиште и организирал собирање донации за нивниот училишен материјал.

Еден ден, блиску до празниците, зборувал со пријателка за тоа како би можело да биде празнување на Божиќ за бездомните деца.

„Единственото нешто на кое овие деца се радуваа однапред е – да имаат вечера во засолништето со стотици други луѓе кои не ги познаваат. И` реков на мојата пријателка дека ако некогаш станам богат, ќе направам голема божиќна забава за бездомните деца. Таа рече – Ајде, тогаш, да го направиме тоа.“

Така започнала „Божиќната забава за заборавените ангелчиња“ пред 12 години.

„Првата година имавме околу 50 деца. Готвачот од засолништето го подготви оброкот, со пилешко, макарони со сирење и десерт, на сите деца им дадовме подароци и дојде и Дедо Мраз.“

Но, еден човек да организира таков настан не било лесно.

„Си реков дека нема да правам такво нешто повторно, но кога ги видов лицата на тие деца, кои дојдоа и ме гушнаа, и се заблагодарија, знаев колку многу радост сум им причинил. Тие немаат ништо. Тогаш знаев дека мора ова да го правам секоја година“.

Благодарение на извештаите за неговата божиќна забава во локалните медиуми, многу волонтери се пријавија да помогнат, многу донации се добиени, во играчки, облека и храна. Некои доаѓаат и само за виткање на подароците за децата.

Кларенс Адамс вели дека сега тие се во можност да приредат вистински Божиќ за повеќе од 200 бездомни деца. Организаторот на „Божиќ за заборавените ангелчиња“ вели дека би сакал да добие поддршка и за други настани од заедницата, што ќе направат бездомните деца да се почувствуваат „посебни“ и во други денови од годината.

XS
SM
MD
LG