Линкови за пристапност

Реформа на казните за дрога во САД


Холдер говори на годишниот собир на Американската адвокатска комора во Сан Франциско
Холдер говори на годишниот собир на Американската адвокатска комора во Сан Франциско

За оние кои сториле помал и ненасилен престап.

Американскиот главен обвинител Ерик Холдер најави дека Одделот за правда планира мерки за намалување на бројот на ненасилни престапници, осудени на долги затворски казни поради дрога.

Легислативата што сега е на сила датира од 1980-те. Таа предвидува задолжително долги затворски казни за секој кој ќе биде осуден за одредни престапи поврзани со дрогата. Но, во денешниот говор во Американската адвокатска комора во Сан Франциско, Холдер наведе дека им наредил на обвинителите да обезбедат оние кои извршиле помали престапи да не завршуваат со обвиненија што носат казни соодветни за газдите на криминалните банди во трговијата со дрога.

Холдер смета дека сегашниот казнен систем е стапица за голем број на Американци кои паѓаат во затворен круг на сиромаштија и живот зад решетки.

Тој кажа дека оние што извршиле помали престапи треба да се обвинат така што би добиле казни „што подобро ќе одговораат на она што го сториле“. Главниот обвинител смета дека САД треба и натаму строго, но истовремено и мудро да се борат против криминалот со дрога.

Задолжителните минимални затворски казни се најдоа на удар на критики поради нефлексибилноста. Критичарите тврдат дека тие ставаат премногу луѓе во затвор, на предолго време.

Холдер кажа дека во Конгресот постои натпартиска поддршка за реформата и дека неговите членови размислуваат за „легислатива што на федералните судии ќе им даде поголема дискреција во изрекувањето на задолжителниот минимум за одредени претстапници кои го прекршиле законот во врска со дрогата“. Тој најави и дека работи на осовременет план што би можел да доведе до ослободување на „осудениците што се наоѓаат во несекојдневна и исклучително строга ситуација, а кои не претставуваат закана по јавноста“.

Покрај промената на упатствата за казнување со затвор, Холдер реле дека поттикнува и на вонзатворски алтернативи, како на пример лекарски третман против зависноста од дрога и работа во служба на општото добро.

Според главниот правобранител, ваквата реформа ќе значи и заштеда за САД од милијарди долари.

Во федералните затвори се наоѓаат над 219.000 казненици, од кои 47% се осудени за престап во врска со дрога.
XS
SM
MD
LG