Холандија ќе ѝ испорача 18 борбени авиони Ф-16 на Украина за да ѝ помогне во борбата против руската инвазија, соопшти денес холандската влада.
„Денеска го информирав претседателот Зеленски за одлуката на нашата влада да подготви првични 18 борбени авиони Ф-16 за испорака во Украина“, рече привремениот премиер Марк Руте во објава на платформата на социјалните мрежи Х.
„Испораката на Ф-16 е еден од најважните елементи на договорите за воена поддршка за Украина“.
Испораката на борбените авиони сè уште се чека на извозна дозвола од холандското Министерство за надворешни работи и исполнување на критериумите за персоналот и инфраструктурата во Украина, додаде Руте без да даде временска рамка за овие одлуки.
Но, најавата овозможи да се резервираат средства и луѓе да ги подготват авионите за испорака, соопшти владата.
„Разговарав со Марк Руте за да ѝ се заблагодарам на холандската влада за нејзината одлука да започне со подготовка на првичните 18 авиони Ф-16 за нивна испорака во Украина“, рече украинскиот претседател Володомир Зеленски на Х.
Холандија минатиот месец ги испрати своите први Ф-16 од американско производство во нов објект за обука на украински пилоти и персонал во Романија.
Данска, Норвешка и Белгија, исто така, најавија дека ќе ѝ дадат авиони Ф-16 на Украина, откако американската влада одобри да ги испрати да се бранат од Русија веднаш штом ќе заврши обуката за пилоти.