Линкови за пристапност

Хојт Ји побара поддршка за Специјалното јавно обвинителство

  • Синиша Станковиќ

Заменик помошникот на американскиот државен секретар кажа дека САД внимателно ќе ги следат изборите во Македонија

„На сите наши состаноци потенцираме дека е многу важно да се поддржи Специјалното обвинителство, да се поддржи владеењето на правото и да се осигура сите официјални претставници да одговараат за своите дела во согласност со владеењето на правото. Мислам дека нашата порака е разбрана од сите политички партии, очекуваме да го поддржат Специјалното обвинителство. Ние ќе го набљудуваме тоа и ако забележиме прекршувања или опструкции, ќе дадеме совет како треба да се постапи понатаму“, им соопшти денес на медиумите заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и Азија, Брајан Хојт Ји, кој беше во дводневна посета на Македонија.

Тој потенцираше дека е многу важно сите страни да соработуваат со работата на специјалната обвинителка, „за нејзината работа да биде без политичка вмешаност и независна“.

По серијата средби со македонскиот државен врв за претстојните парламентарни избори, Хојт Ји на новинарите им изјави дека САД внимателно ќе ги следат, вклучително и Избирачкиот список кој е во процес на прочистување и кажа „драго ни е што е започната вкрстена проверка“.

„Исто така, ги набљудуваме и реформите во медиумите и улогата на медиумите за обезбедување на фер поле за изборите. Внимателно гледаме и на целокупната атмосфера во која гласачите треба да можат да гласаат слободно“, изјави гостинот од САД.

Високиот претставник на Стејт департментот, Хојт Ји, денес се сретна со техничкиот премиер Емил Димитриев, со министерот за правда Аднан Јашари и со претставници на СДСМ, а вчера, со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со челниците на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи, како и со тимот на Специјалното јавно обвинителство и со државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Според соопштението на кабинетот на Иванов, македонскиот претседател го информирал Хојт за евроатлантската перспектива и за внатрешните политички предизвици на земјата, порачувајќи дека „Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и во Европската унија“, изразувајќи очекување од решителна американска поддршка во пресрет на самитот на НАТО во Варшава во јули 2016 година.

И министерот за одбрана Зоран Јолевски на средбата со Хојт Ји побарал поддршка од САД, како стратешки партнер на претстојниот Самит на НАТО во Варшава.

На средбата со гостинот од САД, експремиерот Груевски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ е за надминување на политичката криза преку успешно спроведување на престојните избори, на кои граѓаните ќе го имаат главниот збор и ќе одлучат за иднината на државата, како и дека неговата партија „ќе продолжи активно да придонесува за градење на демократски амбиент кој ќе биде во насока на спроведување на фер избори“.

По средбата со Хојт Ји, лидерите на албанските партии беа децидни дека се неопходни кредибилни парламентарни избори. Лидерот на ДПА Тачи изјави дека на соговорникот му го изразил својот скептицизам „дека уште ништо не е направено да се подобрат условите“ за одржување кредибилни избори, а претседателот на ДУИ Ахмети порачал дека изборите мора да бидат признати и на локално и на меѓународно ниво: „Се согласивме дека овие избори мора да бидат кредибилни... Истовремено, политичките партии да си ја работат својата работа, да нема притисок и заплашување кон гласачите. Мора да се исполнат сите услови, вклучувајќи го и договорот за медиумите“.

XS
SM
MD
LG