Линкови за пристапност

Стравот посилен од алтруизмот


Децентрализацијата на метадонскиот третман и на програмите за лекување на зависности на повеќе локации низ Скопје, предизвика реакции кај дел од загрижените граѓани кои бараат отворање на центри „во најдалечните делови на градот, каде што пациентите нема да имаат контакт со жителите“

„Едно од основните човекови, загарантирани права е да добие здравствена заштита. Секој има право на достапна и квалитетна здравствена заштита и услуга. Дисперзијата е системско решение кое Министерството за здравство успеа да го реши во полза, пред сè на пациентите, потоа и на сите граѓани во земјава. Ваквите процеси треба да бидат поддржани од сите нас, само така ќе напредуваме, нема потреба од стигми и стравови! Целиот процес на лекување на овие пациенти ќе биде строго контролиран, а во него, покрај здравствените работници ќе бидат вклучени и сектори од други министерства, невладиниот сектор кој работи со оваа целна група на лица, но и семејствата на пациентите“, се вели во соопштението од Министерството за здравство, по повод одлуката за дисперзирање на програмите за лекување на зависности.

Психијатриската болница во Бардовци, Градската општа болница „8 Септември“, Клиниката за токсикологија, Центарот за зависници во Кисела Вода и поликлиниките во општините Аеродром и Гази Баба (во населбата Ченто) се шесте пунктови во Скопје, во кои, во иднина, според предлогот на Здружението ХОПС - Опции за здрав живот - Скопје/ Healthy Options Project – Skopje), кое беше иницијатор за дисперзија на Центарот за зависности, зависниците од дрога ќе можат да ја земаат редовната метадонска терапија. Очекувањата од дисперзирањето се - процесот на лекување на зависниците да биде дополнително контролираан од поголем број стручни - медицински лица, од надлежните во Министерството за здравство и од невладиниот сектор што ја покрива оваа сфера на интерес. Исто така, со адекватен третман поблиску до местото на живеење, според предлагачите, се олеснува животот на лекуваните зависници, се овозможува рехабилитација и ресоцијализација, со отворање и на можност за вработување, која не постои ако зависниците патуваат по неколку часа до локацијата за потребниот лек.

Со оглед на тоа дека во пунктовите ќе бидат третирани по околу 120 пациенти, кои се дел од програмата за лекување и третман, веќе нема да се создава метеж околу пунктовите и ќе се зајакне контролата на целиот процес
Министерство за здравство на РСМ

Се работи за дел од предлогот на Министерството за здравство за решавање на проблемот со зависниците и нивното (не)прифаќање од граѓаните кои живеат во околината на досегашната единствена локација во македонската престолнина, на која им се делеше редовната метадонска терапија. По десетгодишни анализи, консултации и обиди за изнаоѓање соодветен излез по верижните реакции на граѓаните – соседи на единствениот Центар за зависници во скопската општина Кисела Вода, ресорното Министерство излезе со ваков предлог во јавноста.

„Со оглед на тоа дека во пунктовите ќе бидат третирани по околу 120 пациенти, кои се дел од програмата за лекување и третман, веќе нема да се создава метеж околу пунктовите и ќе се зајакне контролата на целиот процес“, соопшти Министерството.

Здружението ХОПС, кое беше и иницијатор за дисперзија на Центарот, веднаш ја поддржа одлуката, но паралелно имаше и искажување на револт на граѓаните од општината Аеродром, кои беа децидни дека не сакаат зависници од дрога, „во близина на нивните деца“.

Уште пред два месеца мирен протест одржаа и жителите на општина Гази Баба, а викендов, стотина граѓани, преку социјалните мрежи, се собраа на протест пред поликлиниката „Јане Сандански“ во општина Аеродром, во организација на „Граѓанската иницијатива - Гласот на Аеродром“.

„Одлуката е скандалозна бидејќи објективно проблемот на Кисела Вода ќе биде решен, но ќе биде префрлен на други места.... Бараме одлуката да се повлече. Масовноста ќе се зголемува од ден на ден, ако одлуката не се промени. Нема расположение ниту зависниците привремено да останат тука“, изјави за медиумите поранешниот градоначалник Ивица Коневски од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ.

Според учесниците на протестот, не смее да се дозволи зависници да примаат терапија во поликлината „во која секојдневно се лекуваат и деца, а во чија непосредна близина има две градинки и основно училиште“.

Иако проблемот со лекување на зависниците не е локален-скопски - зависници има и во градовите во внатрешноста, но миграциите кон престолнината и концентрацијата на невладините организации во главниот град, сепак, го фокусираат медиумското внимание пред сè, во Скопје.

ХОПС упати и апел до надлежните да вложат напори за обезбедување на технички и кадровски капацитети за унапредување на психосоцијалната компонента од лекувањето, која треба да стане неразделна од фармаколошкиот третман со супституциска терапија, а со цел успешна рехабилитација и ресоцијализација на луѓето кои се лекуваат од болести на зависност.

По соопштението на Министерството за здравство, Здружението ХОПС ја поздрави одлуката за почеток на дисперзијата на програмите за лекување на зависности, односно децентрализација на третманот на повеќе локации во Скопје, со соопштение во кое се вели: „Базирано врз нашето 20-годишно искуство и добрите примери од други земји, долго време препорачувавме дека дисперзија на лекувањето во секоја скопска општина, најдобро ќе одговори на потребите на клиентите“.

ХОПС упати и апел до надлежните да вложат напори за обезбедување на технички и кадровски капацитети за унапредување на психосоцијалната компонента од лекувањето, која треба да стане неразделна од фармаколошкиот третман со супституциска терапија, а со цел успешна рехабилитација и ресоцијализација на луѓето кои се лекуваат од болести на зависност.

Здружението изрази надеж дека „дисперзијата ќе биде направена согласно реалните потреби на пациентите и ќе бидат разгледани опции за овозможување на третман за зависности на дополнителни локации, според потребите. Очекуваме процесот да биде транспарентен, со вклученост на пациентите, на здруженијата на граѓани кои работат на оваа проблематика и на другите засегнати страни“. ХОПС потенцира и дека „пристапот до лекување за болестите на зависност блиску до местото на живеење е право, а не привилегија, исто како и за секоја друга здравствена состојба. Очекуваме дека најавената дисперзија ќе придонесе кон промена на сликата која често се асоцира со програмите за лекување на зависности, во кои се сконцентрирани неколкукратно повеќе пациенти од капацитетот на програмата. Намалувањето на бројот на пациенти на една локација ќе го подобри квалитетот на лекувањето, што е во интерес и за самите пациенти и за граѓаните“.

Министерот за здравство, Венко Филипче и градоначалниците на скопските општини, со претставниците на невладиниот сектор, на заедничка средба ќе ја донесат конечната одлука за функционирањето на новите центри, но дел од активистите се децидни дека здравствениот систем треба да ги третира граѓаните-зависници како и другите пациенти со хронични болести.

И покрај разбирањето на стравот на граѓаните во соседството на новите центри, извршниот директор на ХОПС, Ивица Цековски, за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека со намалувањето на концентрацијата на 500 зависници на едно место, каде недостасуват и просторни и кадровски можности за помош, се намалуваат и опасностите и проблемите. На загрижените изјави на граѓаните од Кисела Вода дека и во дворовите на училиштата и градинките, и досега се наоѓани употребени шприцеви, Цековски изјави: „Искуствата од Клиниката и од Градската болница покажуваат дека таму не се повторила сликата од општината Кисела Вода, и немало нарушувања на јавниот ред и мир“.

Според Цековски, треба да се работи на информирањето на граѓаните за да не се создаваат протести. Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик тој беше дециден дека во ХОПС очекуваат оти дисперзијата ќе има позитивна разврска и дека нема место за страв и за загриженост на граѓаните: „Ресоцијализацијата и рехабилитацијата на зависниците задолжително треба да бидат составен дел од лекувањето. Третирањето на пациентите никако не смее да заврши само со фармаколошка терапија и неопходно е омасовување на кадарот што работи со овие пациенти“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG