Линкови за пристапност

2017-та почеток на епидемија на ХИВ во Македонија?


Елизабета Божиноска
Елизабета Божиноска

Невладините организации стравуваат дека повлекувањето на Глобалниот фонд и намалувањето во државниот буџет негативно ќе се одрази на контролирањето на болеста

„Новиот буџет за ХИВ за 2017-та година ќе биде сигурен почеток на епидемија на ХИВ“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Елизабета Божиноска, програмски координатор за ХИВ во административната канцеларија на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА. Имено Владата реши да го намали делот од Буџетот на Република Македонија за 2017, од кој се финансираат услугите за превенција, заштита и лекување на лицата со ХИВ дури за 59 проценти, од 65 милиони, на 27 милиони денари.

Неодамна, и професорот д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести и Национален координатор за заштита од ХИВ, изјави дека во првите десет месеци од годинава, во Македонија имало два случаја на починати од СИДА, а регистрирани биле 33 ново дијагностицирани со инфекција со ХИВ, што значи дека бројот расте, зашто во целата 2015-а година имало толку случаи.

Со оглед дека Македонија е една од државите со најниски стапки на лица со ХИВ, таа веќе не се квалификува за меѓународна поддршка, зашто, според проценките на досегашните поддржувачи, самата целосно може да го финансира националниот одговор за справување со болеста.

Наместо да го следи трендот на континуирано зголемување на домашното финансирање на програмите за ХИВ во споредба со донаторската поддршка, финансирањето се намалува и тоа во година кога се повлекува Глобалниот фонд кој е најголем донатор во Македонија“, ни изјави Божиноска, која од 2007 наваму е програмски координатор за ХИВ во ХЕРА и има долгогодишно искуство во истражувачка дејност а работи на планирање, спроведување и мониторинг на проекти од областа на ХИВ, со посебен фокус на доброволно советување и тестирање за ХИВ, застапување за унапредување на ХИВ- превенцијата и пристапот до здравствени и социјални услуги на лицата што живеат со ХИВ.

Откако реагираа до Министерството за здравство, активистите од граѓанските организации кои одржаа протест пред Министерството за здравство и пред Собранието.

Според Божиноска, намалувањето на средствата е директен удар за лицата со ХИВ и за активистите кои со години работат на оваа проблематика. Таа потенцира дека ако не се коригира буџетот ќе се прекинат програмите за ХИВ, раководени од граѓанскиот сектор, преку кои годишно се нудат повеќе од 200 000 основни услуги за превенција од ХИВ.

Според проценките на експертите, во Македонија меѓу регистрираните случаи на лица со ХИВ, најбројни се машките хомосексуалци, а помал е бројот на интравенозни корисници на дроги, но на секој потврден случај, постојат 2-3 случаи на лица кои не се тестирани и не го знаат статусот.

Наведувајќи го примерот на соседна Србија, која не успеала да ги одржи програмите за ХИВ по заминувањето на Глобалниот фонд и сега е земја со висока стапка на ХИВ, Божиноска вели дека Македонија може да се соочи со слично сценарио.

XS
SM
MD
LG