Американски федерален судија донесе одлука дека соработниците на поранешната државна секретарка на САД Хилари Клинтон, да може да бидат испрашувани под заклетва во врска со судската постапка што се однесува на нејзината електронска пошта од приватен сервер кој таа го користела додека била на функцијата.
Конзервативна група наречена Судски надзор, соопшти дека во судските поднесоци бара да биде испрашана првата помошничка на Хилари Клинтон, Хума Абедин, како и неколку други повисоки претставници на Стејт департментот.
Судскиот налог им дава време на групата Судски надзор и Стејт департментот до 12 април да изготват план за земање изјави од посочените соработници.
Весникот „Вашингтон пост“ го цитираше судијата Емет Саливан кој рекол дека постои „барем разумно сомневање“ дека пристапот до податоците според федералниот закон за отвореност, бил нарушен.
Клинтон која е во трката за претседател на САД, се соочува со многу прашања за нејзината употреба на приватната електронска пошта наместо владината. Критичарите велат се обидувала да ги заштити нејзините комуникации од Законот за слобода на информациите.