Линкови за пристапност

ХЕРА: Достапност на контрацепцијата до сите, особено до младите


По повод 26 Септември - Меѓународниот ден на контрацепцијата, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА предупредува дека државата не ја исполнува обврската за обезбедување на основна здравствена заштита и благосотојба на своите граѓани

„Ја повикуваме Владата да ја направи контрацепцијата достапна за сите девојки и жени во земјата. Ставањето на модерната контрацепција на позитивната листа на лекови е дел од Владината програма во областа на здравството до 2020 година и бараме нејзино спроведување без никакво одложување!“ порачува Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА (Health Education and Research Association), по повод денешниот Меѓународен ден на контрацепцијата.

По повод 26 Септември, Асоцијацијата ХЕРА, која е полноправна членка во Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР) од 2009 година, инсистира: „Владата соодветно да ги примени сите препораки од домашната и меѓународната научна јавност и соодветно да обезбеди достапност и пристапност на сите контрацептивни методи и сеопфатна информираност за сите граѓани, особено за младите“.

Во обраќањето до јавноста, ХЕРА истакнува и дека и во најновите препораки на Обединетите нации од Универзалниот периодичен преглед од јули годинава, се укажува дека државите треба да „обезбедат универзална покриеност од државниот фонд за осигурување на сите трошоци поврзани со сексуално и репродуктивно здравје и со методите на модерна контрацепција“.

Затоа, ХЕРА го одбележува денешниот Меѓународен ден на контрацепција, со цел – зајакнување на свеста за контрацепцијата и овозможување на младите луѓе во Македонија, да бидат информирани и самите да направат избор за сопственото сексуално и репродуктивно здравје.

Ставот на невладината организација е дека репродуктивното здравје на младите, на жените и на паровите е загрозено од ограничениот пристап до контрацептивна грижа. Потенцирајќи дека во РСМ модерната контрацепција не им е достапна на младите лица, на жените и на паровите, со што се загрозува нивното репродуктивното здравје и живот, Асоцијацијата ХЕРА објави и дека стапката на употребата на модерна контрацепција во државата изнесува само 12,8% и дека Македонија е меѓу државите со најниска стапка на употреба на контрацепција во Југоисточна Европа.

ХЕРА потенцира и дека не се спроведува сеопфатно сексуално образование во училиштата, со што е ограничено правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје


Според ХЕРА, сѐ уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивната листа на лекови - не е „покриено“ со здравственото осигурување, а во пракса не се спроведува ни заложбата на Министерството за здравство за обезбедување бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени, во пракса, поради отсуство на механизам за набавка и дистрибуција на контрацептивите.

ХЕРА потенцира и дека не се спроведува сеопфатно сексуално образование во училиштата, со што е ограничено правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје, како и дека, иако 36.5% од младите жени на возраст меѓу 20-24 години имале потреба од контрацепција, не биле во можност и да ја добијат.

Во Градскиот парк во Скопје, ХЕРА денеска организира и јавен настан на кој „младите здружено ќе го кренат својот глас за пристапна и достапна контрацепција“, а активистите уште еднаш ќе ги „потсетат политичарите дека е време модерната контрацепција да стане достапна и пристапна“...

На глобално ниво, настаните се одвиваат под слоганот „Животот е твој и одговорноста за него е твоја“, со промовирање на идејата дека „секоја бременост треба да е планирана“.

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА е формирана во јануари 2000 година, со фокус на превенцијата на ХИВ и поддршката на лицата кои живеат со ХИВ. Подоцна, ХИВ стануваа „само еден од аспектите на сексуалното и репродуктивното здравје и сексуалните права чие унапредување станува стремеж“ на организацијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG