На 36- годишниот Васко Јолески од Струга, во 2011 година му била дијагностицирана срцева слабост. Чекајќи да дојде на ред за трансплантација на срце, веќе една година живее живот со помош на т.н механичка потпора, исто како уште дваесетина други граѓани. Ова младо момче вели дека и покрај се` се обидува да има квалитетен живот.
„Ова што јас го носам на себе е минијатурна пумпа, вградена на самото срце, на левата комора на срцето, бидејќи е премногу заслабната. Таа ја презема работата за циркулација на крвта, и му овозможува на срцето да одмора“, вели Јолески, кандидат за трансплантација на срце.
Има случаи, објаснува Васко, кога срцето на пациентот заздравува, по што се отстранува механичкиот уред, а тој продолжува да функционира нормално.
„Проблем во Македонија е што досега трансплантација на срце било табу тема и не се разговарало за ова. Се побудуваат кај луѓето и разни предрасуди. Го поистоветуваат органодарителството со црн бизнис, што нема врска. Само здрав пациент со мозочна смрт може да донира срце“, рече тој.
Сепак државата испишува историја во овој дел, затоа што за само една година се случија две транспантации на срце. При последната 22- годишно момче доби ново срце, а фотографијата на која лекарите ѝ се поклонуваат на младата девојка, чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи, предизвика позитивни реакции. Во тимот лекари беше и кардиохирургот од Охрид Марјан Шокаровски.
„Искуството беше единствено. Возбудата беше голема. Иако беше втора трансплантација, сепак во Македонија се` уште е на зачеток тој програм на трансплантација. Мене ми е навистина задоволство, ако придонесовме барем малку да го вратиме оптимизмот и да донесеме среќа на македонските граѓани“, рече Шокаровски.
Тој вели дека за еден таков зафат е потребна не само хируршка прецизност, туку и добра и голема организација.
Во однос на органодарителството, смета дека е потребно да се работи на кревање на јавната свест, бидејќи побарувачката на органи во светот е огромна, а понудата многу мала. Во тоа смета многу можат да помогнат верските заедници, медиумите и лекарската фела.
„Моментот на мозочна смрт е вистинска смрт. Во тие моменти телото е се` уште живо, но, мозокот не функционира. Кога тој е мртов, на органите им преостанува уште многу малку време за да по автоматизам работат. Во тие моменти треба да се одлучи дали треба и дали може да се даде органот“, вели Шокаровски.
Јолески, кој е претседател и на националното здружение „Храбро срце“, смета дека постоечкиот закон, со кој се вели дека секој е потенцијален донор, а семејството го има последниот збор, треба да се надогради со клаузула, во која ќе стои дека секој кој во текот на животот ќе се изјасни дека сака да биде донор, семејството да не може да го попречи тоа.
„Државата можеби би требала да воведе привилегии за луѓето кои потенцијално би донирале орган или за семејствата на оние кои донирале од починат донор. Би можело тоа да се стимулира со олеснување на партиципациите при лекарски прегледи“, вели Јолески.
Според Министерството за здравство, триесетина граѓани на најразлична возраст чекаат трансплантација на срце, а кои се дел од националниот регистар, кој се обновувал на неколку месеци.
Но, Шокаровски вели дека бројот на луѓе на кои им треба ново срце е многу поголем. Според него околу еден процент од македонското население има некаков вид на срцева слабост. Од нив, за помеѓу 5 и 10 отсто, единствено решение е или трансплантација или вградување на механичка подршка.
Национлното здружение „Храбро срце“ неодамна ја стартуваше кампањата „Дарувај орган,спаси живот“, која ја подржаа личности од општествениот и политичкиот живот, меѓу кои и премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Facebook Forum