Линкови за пристапност

Крвната група и срцевите болести


Луѓе со ретка крвна група поверојатно е дека ќе развијат коронарна артериска болест отколку оние со почеста крвна група. Истражувачите велат дека тие носат поголеми фактори на ризик кои придонесуваат за болеста.

Крвта кај сите не е иста. Има четири крвни групи, базирани на присуство на одредени антигени. Типовите се познати како A, Б, AБ - најретка - и O – најчеста. Споредено со луѓето од крвна група О, истражувачите нашле дека оние со крвна група AБ имале 23 проценти зголемен ризик од срцева болест. Поединци со крвна група Б имале 11 проценти поголема веројатност од оние со О да добијат коронарна артериска болест. Луѓе со крвна група А имале само само пет проценти зголемен ризик.

Студијата ја извеле истражувачи на Харвардската школа за јавно здравје во Бостон, кои анализирале податоци од две големи американски студии: Студија за здравје на медицински сестри, која го следела здравјето на 62.000 медицински сестри, и Последователна студија за здравствени професионалци што инволвирала повеќе од 27.000 мажи. Учесниците во двете студии биле следени 20 и повеќе години, и наоѓањата на харвардската студија се конзистентни за мажи и жени.

Еден од авторите на студијата, Лу Ки, професор по популациони студии на Харвард, вели дека генетичката анализа на лекарите може да им каже дали вообичаените препораки за намалување на ризикот од срцева болест, како и подобрена диета и вежбање, може да бидат ефективни за поединци со поретки крвни групи.

„Најдовме дека ризичните фактори може да предизвикаат различна реакција кај луѓето со различна крвна група“, вели тој.

Четириесет и три проценти од Американците имаат крвна група О, а 57 проценти имаат А, Б, или АБ.

Споредено со други крвни групи, претходни студии најдоа дека луѓе со крвна група А имаат тенденција да се со повисоко ниво на холестерол, восочна супстанца што ги зачепува артериите, додека крвната група Б се поврзува со висок крвен притисок. Двете состојби се ризични фактори за коронарна болест.

Луѓето со најретка крвна група, АБ, покажале дека имаат повисоко ниво на циркулирачки ендотелијални клетки, кои предизвикуваат воспаление и формација на наслаги во артериите, што може да доведе до зачепување на срцевите артерии.

Но, Ки вели дека имањето ретка крвна група не мора да значи дека лицето е склоно кон срцева болест.

„Крвната група АБ или А или Б не значи дека лицето со сигурност ќе развие хронична срцева болест. Најдовме дека тоа само значи поголем ризик од развивање хронична срцева болест.”

Ки вели дека без оглед на крвната група, луѓето треба да одржат здрав животен стил за намалување на ризикот од коронарна артериска болест.

Написот за врската на крвна група и срцева болест е објавен во журналот Arteriosclerosis, Thrombosis, and Vascular Biology.
XS
SM
MD
LG