Претставничкиот дом изгласа укинување и замена на Законот за здравствена заштита, познат како Обамакеар. Планот на републиканците беше усвоен со 217 гласови „за“ и 213 „против“. 20 републиканци гласале против. Мерката сега оди во Сенатот, каде е неизвесно каков ќе биде исходот.
Чекорот се смета за прва поголема легислативна победа за претседателот Доналд Трамп. За време на прес-конференцијата во Белата куќа, на која присуствуваа бројни републиканци, Трамп истакна дека е „мошне уверен“ дека планот ќе мине во Сенатот.
Лидерот на мнозинството во Претставничкиот дом Кевин Мекарти, претходно беше убеден дека има доволно поддршка меѓу републиканците, кои имаат мнозинство во обата дома на Конгресот, откако сличен ваков обид заврши неуспешно на крајот од март.
„Овој закон ќе помине“, изјави Мекарти.
Мерката беше одобрена по промените за додавање на 8 милијарди долари, што би биле наменети за луѓето со претходно поставени дијагнози, а на кои им е потребно осигурување. По овој чекор, двајца влијателни умерени републиканци, Фред Аптон и Били Лонг, го сменија мислењето и ја дадоа поддршката пред денешното гласање.
Републиканските лидери, вклучувајќи го и претседателот Доналд Трамп, со денови работеа да ги убедат законодавците да гласаат за партиската легислатива за здравствена заштита.
Недозволувањето на осигурителните компании да одбијат покривање врз основа на претходна дијагноза беше главен дел од Обамакеар, што донесе осигурување на 20 милиони Американци, кои претходно немаа покритие.
Републиканците се против програмата, велејќи дека е прескапо, и оти не е фер да се принудуваат луѓето да купуваат осигурување, како и да се соочуваат со даночни казни.
Демократскиот лидер во Претставничкиот дом Ненси Пелоси, вели дека и покрај дополнителните средства за помош на оние со претходна дијагноза, законот „ќе придонесе да биде невозможно милиони Американци да обезбедат здравствено осигурување кое им е потребно“.
Законот на републиканците е наречен Американски закон за здравствена заштита, со кој би се замениле повеќето даноци воведени со Обамакеар, вклучувајќи и казни за оние што немаат осигурување, како и намалување на средствата за програмата, која обезбедува осигурување за сиромашните.
Републиканските лидери може да имаат најмногу 22 гласа против партискиот закон, а сепак тој да помине.
Околу 20 конгресмени јавно се спротивставија на законот, а повеќе законодавци се изјаснија дека се` уште не се одлучиле.
Facebook Forum