Линкови за пристапност

Лек против ракот, корисен и за Алцхајмеровата болест?


Лек против ракот, корисен и за Алцхајмеровата болест?
Лек против ракот, корисен и за Алцхајмеровата болест?

Испробан на глувци, наскоро и клинички опити со пациенти.

Во лабораториски експеримент со глувци, научниците успеале да ја забават Алцхајмеровата болест, па дури и да го поправат когнитивното ниво. Но, дали ќе успеат во истото и кај луѓето, останува отворено прашање.

Кај пациентите со Алцхајмерова болест, супстанцијата наречена бета-амилоид се натрупува и создава наслаги во мозочните ќелии. Научникот од Универзитетот Вестерн Ризр`в во Охајо, Гери Ландерт, вели дека проблемот не е во тоа дека организмот произведува премногу бета-амилоид.

„Проблемот е во Алцхајмеровата болест, кога поради возраста се намалува способноста за разлагање и ослободување од овој пептид и тој се насобира во мозокот“, објаснува Ландерт.

Разлагањето на бета-амилоидот е задача на мозочниот протеин - аполипопротеин Е. Веќе докажан лек во третманот против ракот, бексаротин, индиректно помага за поттикнување на генот за аполипопротеинот Е.

„Лекот обезбедува нормално ослободување од пептидот амилоид, но истовремено ги индуцира имуните клетки на мозокот – микроглија, да ги разградат наслагите на амилоид и севкупниот резултат е чистење на мозокот од него“, вели Ландрет.

Научникот го испробал лекот врз глувци кои со генетички инженеринг имале состојба слична на Алцхајмеровата болест кај човекот. Глувците кои примиле бексаротин-терапија успеале да вратат дел од вештините и однесувањето што ги загубиле поради болеста. На пример, здравите глувци кинат хартија со забите за да ја употребат во гнезда. Оние со Алцхајмеровата болест – не можеле.

„Но, ако им го дадеме лекот, само по 72 часа почнуваат повторно да градат гнезда. Тоа индицира дека, навидум, Алцхајмеровата болест може да се сопре во својата раната фаза“, заклучува Ландерт.

Па сепак, тој предупредува дека ефектот врз глувците можеби нема да се повтори и кај луѓето, како и дека експериментот се однесува само на раната фаза на болеста.

Ландерт и колегите кои работат на истражувањето веќе пријавиле патент да го користат бексаротин за Алцхајмеровата болест. Прелиминарните клинички опити со пациенти би требало да започнат за неколку недели. Истражувањето е објавено во журналот „Наука“.

XS
SM
MD
LG