Линкови за пристапност

Градовите – предизвик за здравјето на нивните жители


Градовите – предизвик за здравјето на нивните жители
Градовите – предизвик за здравјето на нивните жители

Големо мнозинство од Американците живее во градови. Заради густата популација и фактот што многу од тие граѓани се сиромашни, градовите се голем предизвик за здравствените професионалци. На конференција за урбаното здравје во Њујорк академици и активисти работеа на стратегија за обезбедување квалитетна здравствена грижа за урбаните сиромашни.

Во болничкиот центар во Харлем, како и во неколку други објекти каде се одржуваше Националната урбана здравствена конференција во Њујорк, учесниците се сложија за едно: Иако градовите се соочени со многу од здравствените предизвици што ги има насекаде, како СИДА, дрогирање и домашно насилство, урбаниот живот носи и други специфични здравствени ризици.

Доктор Џо Буфорд , претседател на Академијата за медицина на Њујорк и ко-спозор на конференцијата, посочува дека урбаната пренаселеност води кон поголем стрес, што може да доведе до насилство. Комплексноста на градовите прави да е потешко снаоѓањето, што пак, може да доведе или да ги искомплицира менталните болести. Градскиот воздух често е загаден, а тоа може да предизвика респираторни болести.

„Сите овие работи се случуваат во урбана средина и имаат влијание на здравјето на луѓето и нивниот секојдневен живот. Но вистинската работа што води кон поголема инцидентност на болест е главно сиромаштијата. Тоа е во основа“, вели д-р Буфорд.

Работодавците кои купуваат здравствено осигурување за нивните вработени мора да платат голема цена кога нивните осигуреници се разболуваат. Буфорд вели дека затоа многу работодавци нудат превентивна грижа.

„Тие обезбедуваат здравствено образование за нивните вработени. Многу од нив обезбедуваат можност за луѓето да се откажат од пушење. Обезбедуваат програми за луѓе кои чувствуваат дека се во депресија или имаат проблем со злоупотреба на супстанци, со тежина, или, обезбедуваат програми за вежбање. Давање на луѓето можност за време на пауза за ручек да излезат и да прошетаат е инвестиција што се исплатува“, вели Буфорд.

Прекумерната тежина е состојба што може да води кон дијабетис, рак, кардио-респираторни проблеми – што е епидемија во американските градови. Проблемот е особено голем меѓу деца во малцински заедници.

Кога има еден час слободен во училшниот ден, наставниците одбираат да го исполнат со академски активности наместо со физичка активност. Тоа за некои учесници на конференцијата е голем проблем за подоцнежниот развој на децата.

Подобро здравствено образование е клучот, вели д-р Обри Кларк, кардиолог. Тој вели дека на клиничко ниво треба да се обезбеди мултидисциплинарен тимски приод кон пациентите, не само за акутно болните и хоспитализирани, туку и по отпуштањето од болница.

Дополнителен проблем е пробивање во заедници каде живеат голем број илегални имигранти. Тие се плашат дека поголем визибилитет може да доведе до нивна депортација.

Но на конференцијата беа слушнати и предлози за едноставно решавање на некои здравствени проблеми – како забавување на семафорите за безбедно минување на улиците, поправање на дупките по тротоарите, светла навечер за побезбедно движење, можност за седнување кога се оди во локални бизниси...

Сепак, повеќето се согласија дека предизвиците со кои здравствените работници во американски градови се соочуваат, во наредните децении само ќе се зголемат.

XS
SM
MD
LG