Лицето кое на жителите на сојузната држава Хаваи на 13-ти јануари им испратило погрешно предупредување за ракетен напад, е отпуштено од работа, стои во извештајот по случајот до Агенцијата за управување со вонредни состојби на Хаваи. Таму се наведува дека одговорниот имал проблем со разликување на вежби и реални настани.
По објавувањето на резултатите од истрагата, Верн Мијаги, администратор на агенцијата, поднесе оставка.
Во извештајот исто така стои дека вработениот кој е одговорен за пораките за предупредување, бил збунет каква порака треба да испрати. Инцидентот предизвика илјадници жители на Хаваите да се евакуираат, верувајќи дека за половина часа ќе бидат нападнати.
Во пораката се барало итно да се најде засолниште, со потенцирање дека „не се работи за вежба“.
Членовите на персоналот соопштија дека работникот за кој станува збор, ги побркал реалните настани и безбедносните вежби најмалку уште двапати, вклучувајќи пораки за пожар и опасност од цунами.
Во извештајот се вели дека вработениот бил „предмет на загриженост повеќе од 10 години“. Во него, исто така, стои дека некои членови од персоналот биле упатени на советување за ментално здравје како третман за закрепнување по преживеаната траума во врска со настанот.
Но извештајот воедно потенцира дека системот за предупредување немал доволно разлика меѓу актуелните известувања и рутинските вежби, нешто за кое гувернерот кажа дека ќе биде корегирано.
Во извештајот за случајот се наведува дека вработениот имал проблем со разграничување на реални настани и обука
Facebook Forum