Милитантната група Хамас вели дека седуммина од нивните борци биле убиени во серија израелски воздушни напади во појасот Газа.
Соопштението од понеделник на Хамас вели дека четири лица биле исто така повредени и вети дека Израел ќе „плати голема цена“ за нападите.
Израелската армија вели дека ги извела нападите преку ноќта како одговор на, како што кажа, 25 ракети испукани од милитанти од Газа во Израел. Армијата исто така известува за судири рано во понеделникот откако безбедносни сили биле нападнати во близина на безбедносната ограда во Газа.
Во неделата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повтори апелите за смирување, и вети дека нема да дозволи екстремисти од која било страна да „го запалат регионот и да донесат нов бран на крвопролевање“.
Израелско-палестинските тензии се зголемија последниве недели по смртта на тројца киднапирани израелски тинејџери и на еден палестински тинејџер кој беше киднапиран и запален по што умрел, во очигледен акт на одмазда.
Израелската полиција уапси шестмина еврејски осомничени во врска со смртта на Палестинецот и кажа дека поединците имале националистички мотиви и припаѓале на екстремистичка еврејска група.
Официјални лица на Хамас ги негираа израелските обвиненија дека Хамас е одговорен за смртта на израелските тинејџери.