Линкови за пристапност

Политички лидер на Хамас издвоен како глобален терорист


Помалку од една недела откако претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе им ја намали помошта на Палестинците, ако не седнат на преговарачка маса со Израел, САД санкционираа политички лидер на Хамас, терористичката организација којашто го контролира Појасот Газа.

Стејт департментот неделава објави дека претседателот на политичкото биро на исламското палестинско движење Хамас, Исмаил Ханијa, сега е на црната листа во категоријата Специјално назначени глобални терористи.

САД веќе го сметаат Хамас за терористичка организација, но Стејт департментот додаде дека Ханија одржувал блиски врски со военото крило на организацијата и наводно бил вмешан во напади врз израелски граѓани.

На истата листа е ставена и Харакат Ал Сабирин, организација поддржана од Иран, којашто главно работи надвор од Газа и Западниот Брег. Официјални лица велат дека оваа група планирала и извршила напади врз Израел, вклучувајќи и ракетни напади врз израелски цели.

Две организации од Египет, Лива Ал Тавра и Харакат Савад Миср, исто така беа додадени на терористичката листа. И двете претходно биле поврзани со египетското крило на организацијата Муслиманско братство.

Најновите активности се чини се во склоп на двата најголеми надворешно-политички приоритети на американскиот претседател Трамп - поддршка за Израел и борба против иранското влијание на Блискиот Исток.

За време на состаноците на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Трамп се закани дека ќе задржи околу 85 милиони долари – спредства планирани за помош за Палестинците преку Обединетите Нации.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG