Линкови за пристапност

САД можно е да се повлечат од Советот за човекови права на ОН


Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, предупреди дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја разгледува опцијата, доколку ова тело не ги преземе неопходните реформи

Хејли ова го кажа за време на обраќањето на отворањето на тринеделната сесија на Советот, што се одржува во Женева, Швајцарија.

Ники Хејли е 29-ти амбасадор на САД во ОН, и прва да се обрати пред Советот за човекови права, во кој членуваат 47 земји.

„Благодарна сум за приликата да зборувам пред ова тело за прашање за кое веруваме дека е мошне важно - почитувањето на човековите права. Како што знаете, САД со внимание ја следат работата на овој совет и нашето учество во него. Можеме да видиме одредени области каде има значително зајакнување“, истакна Хејли.

Таа сепак упати критика кон Советот заради, според неа, двојниот стандард за Израел. Како пример забележа дека телото досега не усвоило резолуција за осуда на Венецуела за нејзините сериозни прекршувања на човековите права.

„Истовремено, во март годинава, Советот усвои пет пристрасни резолуции против една единствена држава - Израел. Од суштинско значење е ова тело да посвети внимание на својата хронична пристрасност против Израел, доколку сака да има каков било кредибилитет“.

САД и Израел се сојузници. Вашингтон веќе подолго време тврди дека Советот неправедно се фокусира на наводни кршења на човековите права од страна на Израел, вклучувајќи го и третманот на Палестинците во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа.

Амбасадорката на САД рече дека членството во овој Совет на ОН, е област отворена за реформи, повторно истакнувајќи ја ситуацијата во Венецуела.

„Советот мора да го реши ова прашање. Ако Венецуела не може, тогаш треба доброволно да се повлече од седиштето на Советот за човекови права, се` додека не ги доведе во ред работите во својата земја“, изјави Хејли.

Таа рече дека да се биде член на овој Совет е привилегија, и дека на ниту една земја која ги крши човековите права, не треба да и` се дозволи членство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG