Линкови за пристапност

За хакерот Митник хакерството е вносна дејност


За хакерот Митник хакерството е вносна дејност
За хакерот Митник хакерството е вносна дејност

Кевин Митник, човекот за кого е снимен и филм, два дена во Македонија ги учеше македонските ИТ инженери како да го спречат интернет криминалот

Некогаш најбараниот хакер во светот, денес еден од најскапите предавачи по предметот „како да се заштитите од упадот на несакани гости во банкарските и институционалните системи“, Кевин Митник, човекот за кого е снимен и филм, два дена во Македонија ги учеше македонските ИТ инженери како да го спречат интернет криминалот. Тој демонстрираше и како за неколку минути се влегува и во нечија банкарска сметка, електронска пошта, тајни податоци. Неговите лекции ги слушаше и министерот за информатичко општество, Иво Ивановски.

Тој препорача да не се верува на се` што ќе се види во филмот за Митник.

На камерите не им беше дозволено да ја снимаат презентацијата на познатиот хакер. Влезницата беше од 100 до 400 евра.

Името Кевин Митник е добро познато за Еф Би Ај за Нокиа, Моторола Фуџитсу... Тоа биле негови жртви, а сега го ангажирале за да ги обучува како да се заштитат од неговите следбеници.

„Сум зборувал пред ФБИ, НАСА, ги обучував во Федералната асоцијација за авијација. Повеќе не сум на ничија црна листа, фала му на Бога. Чест ми е што и министерот за информации е присутен на мојата презентација“, вели Митник.
Тој кажа дека хакерството денес и она во 90-тите години од минатиот век немало допирни точки.

Тогаш тој упадите ги правел од љубопитност, а не за пари. Петнаесет години подоцна, тоа очигледно и му се исплати, има сопствена консултантска фирма за компјутерска заштита, патува низ светот и заработува од она што самиот го научил на „терен“, како што вели.

„Јас бев најбаран хакер во светот во раните 90-ти. Моето хакерство не беше како денешново. Моето беше интелектуален предизвик, истражување на науката, љубопитност. Денес хакерите тоа го прават заради профит, вели Митник.

Сајбер авантурите го „чинеле“ пет години затвор, а по излегувањето во 2000-тата, три години живеел без неговата најголем љубов- интернетот, а не смеел да користи ниту мобилен телефон.

Хакерот број еден не го познава лично колегата Џулијан Асанџ од Викиликс, но го поддржува во неговиот подвиг.

„Тоа е еден вид опасна игра. Тој ризикува, но мислам дека верува во тоа и сака тие информации да ги обелодени. Тоа е еден вид негова крстоносна војна“, вели Митник.

XS
SM
MD
LG