Продажбата на оружје има нагорен тренд во САД за последните 12 месеца, пред претседателот Барак Обама да најави повеќе правила за продажбата на оружје.
Според ФБИ во 2015-та година имало 10 проценти повеќе безбедносни проверки на историјата на оние кои сакале да купат оружје, достигнувајќи 23,1 милион. Тоа е најголем број откако бирото почнало да води таква статистика во 1998.
Трендот трае веќе извесно време. Според Системот за брза безбедносна проверка на ФБИ, 186.345 барања вакви проверки биле извршени на 27-ми ноември, ден после Денот на благодарноста, познат како Црн петок, кој се смета за ден во годината кога се купува најмногу. Продажбата оваа година била за пет проценти повисока од минатата година.
ФБИ исто така вели дека Црниот петок од 2012 до 2014-та година бил меѓу десетте рекордни денови кога се поднесуваат вакви пријави за проверка. Од 1998-та година се купени 220 милиони парчиња огнено оружје.
Како дополнение на повикот на претседателот за повеќе безбедносни проверки на личноста по масакрот во Сан Бернардино, Калифорнија и масовното убиство во Колорадо, Американците реагирале и со поголемо купување на оружје.
Но, ФБИ предупредува дека не секогаш има директна корелација помеѓу безбедносните проверки и бројот на купено огнено оружје, бидејќи некои проверки на личноста се спроведуваат за издавање дозвола за оружје, а не за купување на оружје.
Националната асоцијација за оружје која се противи на предлозите на претседателот, на социјалните мрежи се огласи велејќи дека проверката на личноста нема да запре одредени кривични дела од случување и дека повеќето Американци не сметале дека контролата на оружје е важно прашање.