Порано месецов претседателот Барак Обама објави извршна наредба што дозволува продолжување на воените судски постапки за притвореници кои се држат во американската морнаричка база во Гвантанамо Беј, во Куба, по двегодишна забрана.
Таа наредба е најнова индикација дека затворот во Гвантанамо ќе остане отворен за догледно време и политичките аналитичари велат дека е можно прашањето да не биде разрешено до американските претседателски избори следната година.
Извршната наредба исто така го постави процесот за ревидирање на случаите на 48 затвореници кои се во Гвантанамо, а за кои владата решила дека може да бидат судени, но дека се исто така премногу опасни да бидат ослободени.
Генералниот правобранител Ерик Холдер, на неодамнешна прес-конференција кажа дека смета оти претседателот поставил добра рамнотежа, земајќи го предвид механизмот според кој може да се притвораат лица според закони од воено време, на начин конзистентен со американските вредности.
Во јануари 2009, во еден од првите акти како претседател, Обама нареди затворање на затворот во Гвантанамо во рок од една година. Но администрацијата брзо се судри со отпор од конгресните републиканци и до денес се` уште се работи на сеопфатна законска стратегија за справување со осомничените терористи кои се држат таму.
Многумина законодавци преферираат осомничените терористи да бидат судени пред воени судови, но администрацијата на Обама и групи за човекови права тврдат дека некои од нив треба да бидат префрлени во цивилен суд каде ќе бидат изведени пред правдата.
Во ноември 2009, Холдер соопшти дека наводниот осмислувач на нападите од 11 септември, Калид Шеик Мохамед, ќе биде суден во цивилен суд во Њујорк. Откако тоа предизвика огромна критика, администрацијата не направи друг чекор во таа насока и се` уште не се знае каде тој ќе биде суден.
Анкетите сугерираат дека јавното мислење за затворање на Гвантанамо се променило за последниве неколку години. Кусо време откако Обама дојде на функција, мало мнозинство од Американците беа за затворање на затворот. Последните анкети во текот на изминатава година покажуваат дека повеќе Американци сега се за држење на Гвантанамо во функција, како една опција за справување со осомничените терористи.