Линкови за пристапност

Што го очекува Груевски во САД?


Премиерот во Вашингтон, европратениците во Скопје

Паралелно со денешната посета на премиерот Никола Груевски во САД, и со гостувањето во Скопје на тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, кои ќе ја оценуваат имплементацијата на договорот од Пржино, преку средби со претставници на политичките партии - потписнички на договорот, со посредниците, амбасадорите на САД, Џес Бејли и на ЕУ, Аиво Орав, со Специјалната обвинителка и со членови на ДИК, утрово беше официјално соопштено дека и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, дефинитивно ќе ја посети Република Македонија в петок на 15 јануари. Тогаш, според очекувањата во Македонија, треба да се избере техничката Влада со нов привремен премиер, чија задача ќе биде спроведување на изборите на 24 април, а според портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, и Хан ќе разговара со сите засегнати страни околу спроведувањето на политичкиот договор.

До посетите доаѓа во моменти кога спроведувањето на обврските од договорот од Пржино е блокирано - нема разговори на работната група за медиумите, ниту средби на собраниската Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, и не е договорена ни методологија за прочистување на избирачкиот список, во медиумите се почесто се пласираат шпекулации дека е можно и одложување на изборите во јуни.

Токму затоа, во македонската јавност како неочекувана беше примена веста за посетата на премиерот во заминување на Вашингтон на само неколку дена пред оставката, а некои медиуми ја оценија посетата и како „спектакуларна и неочекуван потег“.

И додека во дел од медиумите совпаѓањето на посетата на Груевски со доаѓањето на европските претставници во Скопје и со потврдувањето за посетата на Хан - е знак дека постои план и усогласеност кај главните гаранти на Договорот од Пржино, поренешниот амбасадор во Британија, Албанија и Русија, Ристо Никовски, во колумна истакна дека „нашата досегашна неспособност да ги отвориме картите со САД и на рамноправна основа да разговараме за нивните политики кон Македонија, кои ги игнорираат нашите фундаментални интереси, сега ни се враќа како бумеранг... Веројатно, оваа посета не е прилика да се каже сѐ што нѐ мачи, ама ако веднаш потоа, макар чекор по чекор, не воспоставиме отворен дијалог, со сите факти и аргументи на маса, лошо ни се пишува“.

Според Никовски, „и овој пат, исто како и во 2011, премиерот во Вашингтон ќе биде третиран на неприфатлив начин“. Затоа, тој му порачува на Груевски: „Храбро, премиеру! Издржи во име на народот и државата. Опција да капитулираш и да прифатиш непринципиелни решенија – немаш! Тоа ќе значи крај и за тебе лично, и за твојата партија, и за народот, и за државата. Со два збора - за сите. Залакот е преголем. Маневарскиот простор е мал ама назад - нема. Македонија мора да успее. Нека ни е вечна!“

И како да им нема крај на совпаѓањата, за денес во Скопје беше најавено отворање на првиот Руски центар во Република Македонија, чиј основач е универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како што се наведува во соопштението, Центарот се формира на иницијатива на амбасадата на Руската Федерација во соработка со непрофитната „Фондација Руски мир“, основана од претседателот на Руската Федерација на 21 јуни 2007 година и регистрирана во Руската Федерација. Според најавите, Центарот ќе поседува богата библиотека со читална, галерија, две училници за изучување руски јазик, како и аудиовизуелен кабинет.

XS
SM
MD
LG