Линкови за пристапност

Нема притвор за Груевски, одзеден му е пасошот


Притвор не им беше определен ниту на неговите најблиски соработници од раководството на партијата кои се обвинети во случајот „Титаник“. Правната битка допрва почнува бидејќи жалби најавија и обвинетите и СЈО. Апелација ќе има полни раце работа

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски останува на слобода откако Кривичниот суд го одби барањето за притвор. Сепак Кривичниот совет кој одлучуваше по барањето на СЈО донесе решение со кое на Греувски му се одзема пасошот и му наложува задолжително еднаш неделно да се јавува во судот.

Груевски и првообвинет во случајот „Титаник 1“ каде во обвинителниот акт се и неколкумина членови на раководството на партијата и негови блиски соработници – Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Судот им ја изрече истата мерка, одземање на пасошите и задолжително јавување во судот. Двата пасоши, приватниот и дипломатскиот им се одземени на Илија Димовски и Билјана Бришкоска – Бошковски кои како и останатите 20 обвинети во овој случај мораат да се пријавуваат еднаш неделно во скопскиот Кривичен суд.

Според обвинителниот акт, СЈО во истрагата за „Титаник“ утврдиле дека бил фалсификуван избирачкиот список и биле додавани фантомски гласачи. За таа цел во МВР биле издадени 15.000 нови матични броеви, 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите и прифатени се повеќе од 60 илјади нови државјани.

Случајот „Титаник“ беше последниот по кој се одлучуваше во Кривичниот суд откако СЈО минатата недела достави вкупно 17 обвиненија во кој беа обвинети 94 лица. Интересно е што СЈО бараше притвор за 18 лица а судот ги одби сите барања и ги замени со одземање на пасошот и задолжително јавување во судот. Со последните девет мерки кои беа изречени денес, вкупната бројка на обвинети кои останаа без патните исправи и нема да можат да ја напуштаат државата е 38 лица.

Претходно Кривичниот суд одлучи да им ги одземе пасошите и на поранешниот потпретседател на Владата Владимир Пешевски, обвинет во случајот „Траекторија“ , поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков за случајот „Тортура“, поранешниот помошник министер во полицијата Небојша Стајковиќ, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и новинарите Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска.

Според процедурата судот денеска или најдоцна утре ќе го извести МВР дека донел нови решенија за одземање на патни исправи а полицијата пак ќе ги внесе овие лица во системот и со тоа ќе го спречи нивното напуштање на државата без разлика дали ќе приложат пасош од друга држава.

Правната битка допрва почнува бидејќи сите обвинети кои се опфатени во мерките кои ги изрече судот имаат право на жалба а жалби најавија и СЈО и обвинетите.

„Наши законски права коишто ги имаме во постапката е правото да вложуваме правни лекови и во текот на оваа недела зависно како истекува правото на жалба ќе бидат поднесени жалби против решенијата и навремено ќе ве известиме“ ,изјави обвинителот Ленче Ристовска.

Според законските процедури, и СЈО и обвинетите имаат рок од 72 часа од донесувањето на одлуката да поднесат жалба до Апелациониот суд а судот пак има рок од два дена од примањето на жалбата да се произнесе односно да ја прифати или отфрли.

СЈО во четвртокот и петокот, на еден ден пред истекот на рокот, поднесе 17 обвиненија кои произлегоа од отворените 18 истраги.
Претходно во судска процедура влегоа предметите „Транспортер“ каде е обвинет битолскиот градоначалник Владимир Талевски, „Тврдина 2“ со началникот на Петата управа во УБК Горан Грујовски и случајот познат во јавноста како „Шамарите во Центар“ каде обвинет е лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG