Линкови за пристапност

Русија не успеала да ја спречи опозицијата да го тргне Груевски од власт, се вели во извештај за влијанието на Кремљ во Македонија


Груевски не успеа да воспостави целосна контрола врз сите политички институции, дури и со руска помош, поради што беше возможно опозицијата на Заев да победи на изборите во 2016 година, објави фондацијата „Слободна Русија“

Руското присуство во Северна Македонија потекнува уште од времето на Советскиот сојуз и Југославија, и продолжува да биде видливо до денес, се вели во најновиот извештај на фондацијата „Слободна Русија“, кое го истражува влијанието на Кремљ во политиката на државата.

„Како дел од балканскиот регион, Северна Македонија спаѓа во сфера на интерес на Русија, бидејќи регионот граничи со ЕУ, нешто што Москва сака да го држи под контрола или барем да има влијание“, забележува извешатјот.

Во него се истакнува дека Русија користи разни алатки за да влијае врз внатрешните работи на Северна Македонија.

„Сепак, не сите обиди да влијае во македонската политика и економија ги донеле посакуваните резултати. Од една страна, Русија успеа да воспостави блиски релации со македонската политичка елита во периодот на Груевски, но, од друга страна не успеа да се спротивстави на опозицијата, која доведе до радикални промени во владата и губење на политичките врски со владејачките политичари“, пишува во извештајот.

Русија вложила значаен напор да ја задржи Северна Македонија надвор од НАТО, успевајќи да ја намали излезноста на референдумот за промена на името.

„Но, Северна Македонија, на крајот сепак влезе во НАТО“, се вели во извештајот, во кој се додава:

„Рускиот бизнис се обиде да навлезе и да доминира во енергетскиот сектор во државата, но, се` уште не може да постигне ист успех, како во Бугарија“.

Рускиот новинар Константин Егерт, го објаснува неуспехот на Кремљ во Северна Македонија како логична последица на неговите инструменти.

„Грубо однесување, цинизам и потпирање на корумпирани елити во меѓународната политика не носи долгорочен успех“, вели тој, додавајќи:

„Елитите во поранешните југословенски држави, со исклучок на Србија, генерално се свртени кон ЕУ и НАТО, како потенцијална гаранција за мир во регионот. Москва не изгледа како добра алтернатива за таквата цел“.

Даниел Сервер, професор на Школата за меѓународни студии на Универзитетот Џонс Хопкинс, се согласува дека руската политика не успеала во Северна Македонија, но, оти целта на Москва била да предизвика колку што е можно повеќе проблеми

Извештајот, исто така, вели дека слабиот интерес на Москва во Северна Македонија би можел да се објасни со фактот што економските врски меѓу двете држави се незначителни.

„Геополитичката положба на Северна Македонија не ја прави важна за плановите на Русија за гасоводи. Истовремено, за време на една деценија на власт, Никола Груевски не успеа да воспостави целосна контрола врз сите политички институции, дури и со руска помош. Како резултат на тоа, беше возможно опозицијата, предводена од Зоран Заев, да победи на изборите во 2016 година, и да отвори кривична постпака против Груевски“, стои во извешатјот, додавајќи дека цврстите врски само со еден политичар испаднале лоши за Русија, оти таа изгубила значителен дел од влијанието.

Сепак, според извештајот, некои аналитичари сметаат дека слабата излезност на референдумот во 2018 година покажала дека руското мешање во македонските работи било успешно.

Уште повеќе, истакнува извештајот, тоа што Северна Македонија станала членка на НАТО, би можело да биде закана за меѓународната организација, бидејќи државата имала најниско ниво на политичка култура, и оти потенцијално би можела да биде манипулирана од надворешни сили, вклучувајќи ја Русија.

„Денес, главна грижа на Северна Македонија би требало да биде дали руските практики, како корупција, блиски врски меѓу политиката и бизнисот, како и идустријата на лажни вести, ќе фатат корени во државата, и ќе го оштетат внатрешниот систем, дури и ако влезе во ЕУ“, се вели во извешатјот.

Во него се додава дека за да може ова да се спречи, ќе биде многу важно да се проследат сите слуачи на корупција, без можност на застарување, да се воспостави нула толеранција за корумпираните политичари и намерното ширење на лажни вести.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG