Линкови за пристапност

Орбан застана зад Груевски


Како премиер на Македонија, Никола Груевски имаше клучна улога во мигрантската криза и без него тешко ќе беше да се одбрани унгарската граница, вели унгарскиот премиер Орбан

Виктор Орбан отворено застана во заштита на Никола Груевски. Унгарскиот премиер чија земја му одобри политички азил на некогашниот прв човек на македонската влада, во интервју за радио, Груевски го нарече сојузник кон кого Будимпешта треба чесно да се однесува. Според Орбан, екс-лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го прогонувале организации финансирани од Џорџ Сорос, непријателот број еден за актуелната унгарска власт.

„Како премиер на Македонија, Никола Груевски имаше клучна улога во мигрантската криза и без него тешко ќе беше да се одбрани унгарската граница. Човек треба да биде чесен со своите сојузници. Не можеме да ги исклучиме правните процедури, но можеме да овозможиме праведен третман. Него го пречекаа надлежните институции. Одлуката не ја донесе унгарската влада и колку повеќе владата е подалеку од овој случај, толку подобро“, рече премиерот на Унгарија Виктор Орбан.

Додека позицијата на Груевски во Унгарија засега е обезбедена и комотна, иако има барање за негова екстрадиција во Македонија, надлежните институции во земјава никако до крај да ја расчистат ситуацијата и да одговорат како и со чија помош тој без пасош успеал да премине во Албанија, од каде преку Црна Гора и Србија, доаѓа до Будимпешта.

Јавното обвинителство за организиран криминал денеска потврди дека е отворена предистражна постапка за бегството, која треба да утврди дали има пропуст во безбедносните служби под надлежност на МВР.

За пропусти, без да даде детали, зборуваше и првиот човек на полицијата.

„Најважно од се е да ги согледаме пропустите, нефункционалноста на системот во целина. Ако тоа го согледаме ќе можеме да ги отстраниме тие недостатоци и во иднина да нема вакви ситуации. Многу е важно надлежните органи да имаат координација,“ изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Од фактот дека Груевски наместо во Шутка, сега е во Будимпешта, јасно е дека недостасувала координација меѓу СЈО, МВР и судот. Надлежните, се уште молчат кој потфрлил во случајот на поранешниот премиер.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG